Активности



Понеделник, 31 јануари 2011 година

Глобална кампања за превенција од ракот на грлото на матката „Бисери на мудроста“

Клубот на жени пратенички денеска во Собранието на Република Македонија одржа работна средба со Здружението за борба против рак – „Борка“ по повод глобалната кампања за превенција од ракот на грлото на матката „Бисери на мудроста“.

На средбата присуствуваа координаторката на Клубот на жени пратенички, г-ѓа Катерина Димеска, претседателот на Здружението за борба против рак „Борка“, г-ѓа Биба Додева, г-ѓа Јулиета Марку, како и останати пратенички и членки на Клубот на пратенички, како и претставници на невладиниот сектор.

Во рамките на своето редовно работење и реализирање на својата програма Клубот на пратенички често пати организира работни средби со здруженијата на граѓани  и други субјекти, се со цел да ја анимира јавноста за одредени прашања – посочи координаторката на Клубот на жени пратенички, г-ѓа Катерина Димеска.

Во Македонија, ракот на грлото на матката е на второ место по смртност од малигните заболувања кај жената. Во нашата земја, секоја година од рак на грлото на матка заболуваат окулу 300 жени, а приближно половина од нив умираат како последица на оваа болест.

Претседателот на Здружението за борба против рак „Борка“, г-ѓа Биба Додева пред пратеничките во Собранието ја презентираше програмата и активностите на Здружението.

Како дел од Европската недела за превенција од рак на грлото на матката, 24 – 31 јануари 2011 година, Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“, кое е полноправен член на Европската асоцијација за рак на грлото на матката (ECCA) и во соработка со Здружението за Хуман Папилома Вирус (ХПВ)  на Македонија, реализираа едукативни кампања ширум земјава.

Оваа едукативна кампања ја следи глобалната кампања „Бисер на Мудроста 2011“, која има за цел да ги повика сите девојки и жени да сторат сè за превенција од рак на грлото на матката, пред сè преку редовни гинеколошки прегледи, ПАП тестови, одговорно сексуално однесување со сите мерки за заштита од полово преносливи болести и преку редовната програма за вакцинација против ХПВ вирусите.

Присутните ја поздравија иницијативата за отпочнување на кампањи од ваков тип, кои ги третираат проблемите на жените воопшто, посочувајќи дека тие секаде во светот се исти, притоа заблагодарувајќи се на здружението „Борка“ кое успеа да допре до сите делови ширум земјава, дури и во тешко достапните рурални делови, со цел едукација и начини на превенција од рак на грло на матка.

Click