Активности



Четврток, 3 февруари 2011 година

Македонските стипендисти во Бундестагот - неформални амбасадори на Република Македонија

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, денеска оствари средба со стипендистите на Меѓународната стипендија (ИПС) на германскиот Бундестаг.

Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) е традиционална активност на германскиот Бундестаг, односно Проект на германскиот парламент, кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламенарниот систем на Германија.

Проектот ИПС преку Собранието на Република Македонија се реализира од 2001 година. Германскиот Бундестаг, Собранието на Република Македонија и Германската амбасада се надлежни институции за спроведување на Проектот.

На средбата присуствуваше и Н.Е. Урлике Марија Кноц, амбасадор на Сојузна Република Германија на Република Македонија.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, изјави дека ја радува оваа средба и можноста по третпат да се направи Програма за функционирањето на Собранието на Република Македонија, како подготовка на тројцата кандидати од Република Македонија за престојот во Бундестагот, што зборува за добрата подготвеност на кандидатите-стипендисти на ИПС проектот за 2011 година. 

Македонското собрание прави напори за понатамошно унапредување на Меѓународната парламентарна стипендија, проект преку кој секоја година се доделуваат по неколку стипендии за учесници од Република Македонија. Целта е промовирање на овој проект во Република Македонија и што поголемо негово афирмирање заради привлекување на повеќе млади луѓе, квалификувани за оваа стипендија.    

Од 2009 година, Собранието на Република Македонија започна со подготвување на Програма за запознавање со работата и функционирањето на парламентарното работење во Република Македонија. Обуката досега ја поминаа пет стипендисти. Тие, десетина дена престојуваа во Собранието и преку работата на Секторите во Собранието, се запознаа со работата.

По завршување на нивниот престој во Бундестагот, стипендистите доставуваат извештај за нивните впечатоци и за тоа што може да се примени во работењето во македонскиот парламент.

Исто така, на средбата беше истакнато дека стипендистите се неформални амбасадори на Република Македонија и од нив се очекува достојно да ја претстават нашата држава во Германија. 

Н.Е. Урлике Марија Кноц истакна дека оваа програма е многу важна за нив, затоа што германските политичари сакаат да ја видат Република Македонија како членка на ЕУ, а многу битен фактор на патот до ЕУ е работата на Собранието и неговото функционирање. Таа додаде дека стипендистите во Германија ќе престојуваат пет месеци и дека по нивното враќање во Македонија, исто така, ќе бидат еден вид амбасадори на Германија во Република Македонија.

Click