Активности



Петок, 4 февруари 2011 година

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Јован Манасијевски оствари средба со директорот на Канцеларијата на Светската банка во Република Македонија, г-ѓа Лилија Бурунчук

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г. Јован Манасијевски и членовите на Комисијата г-ѓа Владанка Авировиќ и г-ѓа Јулијета Марку, денеска во Собранието на Република Македонија остварија средба со директорот на Канцеларијата на Светската банка во Република Македонија, г-ѓа Лилија Бурунчук.

Од страна на директорот на Канцеларијата на Светската банка, г-ѓа Лилија Бурунчук, беше презентирана Стратегијата за партнерство, која е донесена во октомври месец 2010 година која се фокусира на економскиот раст, зголемување на конкурентноста, образованието, здравството, транспортот и еколошката агенда, која добива сè поголемо значење. Меѓу проектите кои ќе бидат финансирани во наредниот период беа спомнати изградбата на далноводот Штип-Ниш и изградбата на браната Луково поле.

Г-ѓа Лилија Бурунчук информираше дека се размислува во иднина наместо да се дава директна буџетска поддршка, да се пристапи кон давање на гаранција од страна на Светската банка на Владата на Република Македонија, со цел таа да може да позајмува на пазарот на капитал со многу пониска каматна стапка.

Од страна на членовите на Комисијата за финансирање и буџет, се искажа потреба од одржување на седница на Комисијата за финансирање и буџет на која ќе бидат презентирани плановите за активностите на Светската банка за оваа фискална година, како и за наредните три фискални години. Одобрените кредити од Светската банка за финансирање на проекти од областа на инфраструктурата беа оценети како посебно корисни за развојот на Република Македонија.

Исто така, беа изнесени и имликациите од економската криза којашто се одрази врз намалување на макроекономските показатели, односно на економскиот раст на државата.

На крајот беше изразена заемна благодарност за одржаната средба и оценета како многу корисна за продлабочување на соработката помеѓу Комисијата за финансирање и буџет, односно Собранието и Светската банка.

Click