Активности



Четврток, 20 јануари 2011 година

Педесет и седма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната, Педесет и седма седница, како матично работно тело ги разгледа: Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите (прво читање).

- Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва (прво читање), даде претставникот на предлагачот, повереникот Александар Поповски, раководител на Секторот за европски интеграции во Министерството за економија.

Тој истакна дека генералната цел на предложените измени и дополнувања е усогласување со европското законодавство.

Измените во претходните две години содржеа релевантни Директиви од Европската унија. Беше истакнато дека и во овој случај со предложените измени и дополнувања усогласувањето се состои во Директивата 2003/58 со којашто се овозможува поднесување на документи во Централниот Регистар на Република Македонија и тоа по електронски пат.

За разлика од неодамнешната измена на Законот за едношалтерски систем, каде што исто така е дозволено постапката да се води по електронски пат на поднесување на документи, во овој случај интервенцијата е од материјално-правен аспект, односно давање на правен основ сите документи коишто согласно Законот за трговски друштва се бара да бидат подготвени и поднесени во Централниот регистар на Република Македонија, истите би се спровеле по електронски пат. 

Во предложените измени и дополнувања, направени се и други битни измени, односно воведени се три нови Директиви добиени по препорака од страна на Европската комисија и бизнис-секторот.

Во однос на казнената политика, измените се во насока на соодветно намалување во еден дел на распонот на казни коишто се пропишани во Законот за трговските друштва.

По завршувањето на расправата, Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите (прво читање), образложение даде претставникот на предлагачот, повереникот Нериман Џеладини, раководител на Секторот за внатрешен пазар во Министерството за економија.

Беше истакнато дека овој Предлог-законот е донесен од три причини. Првата е усогласување со дополнителни Директиви од страна на Европската унија, и тоа Директивата 29 од 2005 година на Европскиот парламент со којшто се уредува нечесното пазарно однесување од страна на субјектите на внатрешниот пазар и Директивата 27 којашто наложува заштита на интересите на потрошувачите и воведување на механизми за колективна заштита на потрошувачите пред надлежните судови.

Усогласувајќи се со горенаведените мошне битни и значајни Директиви во Законот за заштита на потрошувачите, се доаѓа до допрецизирање на  неколку дефиниции, а тоа се: што значи пазарно однесување кон потрошувачите од страна на деловните субјекти, значително пореметување на пазарното однесување, кодексот на однесување, имател на однесување, колективна заштита, покана за купување, прекумерно влијание, одлука за вршење на промет, законски уредена професија и уредување на телата коишто се овластени за покренување на постапка.

Втората причина за изменување и дополнување е усогласување на Законот за заштита на потрошувачите со Законот за инспексискиот надзор.

Третата причина е измени во уредувањето на казнената политика, односно намалување на дел од казните, и тоа од 20% до 50%, усогласено согласно казнената политика на Владата на Република Македонија и воведување на единствена глоба, со што ќе дојде до поефикасно делување на инспекцискиот надзор над субјектите во делот на внатрешниот пазар којшто делуваат во Република Македонија.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click