Активности



Вторник, 15 февруари 2011 година

Пленарна седница на Европскиот парламент

Од 14 до 17 февруари во Стразбур се одржува пленарна седница на Европскиот парламент. На отворањето, претседателот на Парламентот, г. Јержи Бузек, говореше за актуелната ситуација во Египет, за пристигнувањето на бегалци од Северна Африка на европските брегови, за Меѓународниот ден против деца војници и неодамнешното извршување на смртна казна во Иран.

Денеска ќе биде ставена на гласање резолуцијата за пензиите, со која се поддржува одржливост на системите и адекватни пензиски примања. Пензиските реформи се во тек во Европа, како одговор на застарувањето на населението во ЕУ и економскиот пад.

На овонеделната седница, исто така, ќе стане збор и за членството на Хрватска во Унијата, како и за спорниот унгарски закон за медиумите.

Европратениците ќе се залагаат и за екологија, преку воведување на почисти и поекономични микробуси во ЕУ.

Во новото законодавство на ЕУ се предвидува да биде опфатена и заштитата на пациентите од фалсификувани лекарства преку интернет продажбата.

На агендата, покрај другото, ќе се најдат и: слободната трговија на ЕУ со Јужна Кореја, Дунавската стратегија, проблемот со зголемувањето на цените на храната во светот, безвизниот режим за граѓаните на ЕУ во Бразил, економските реформи и целите за развој на човековите права.

Click