Активности



Понеделник, 17 јануари 2011 година

Пленарна седница на Европскиот парламент

Од 17 до 20 јануари, Европскиот парламент ќе одржи пленарна седница во Стразбур, на која, меѓу другото, изминатото, Белгиско претседателство на Советот на министрите ќе го образложи она што го реализирало за време на шестмесечно претседавање, а актуелното Унгарско претседателство ќе ги претстави приоритетите за следните шест месеци.

В среда, европските пратеници ќе го разгледаат и ќе гласаат за Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Србија. За да стапи на сила, тој мора да добие одобрение од Европарламентот и ратификација од земјите-членки.

Истиот ден, ќе се гласа и за правата на пациентите за лекување во странство.

На пленарната седница, ќе се дебатира и за ситуацијата во Белорусија по фалсификуваните избори во декември, проследени со затворање на опозициските лидери и насилство на полицијата над демонстрантите. Европратениците ќе гласаат за тоа какви санкции треба ЕУ да му изрече на белорускиот претседател и други претставници на власта.

Исто така, во Стразбур ќе стане збор и за заштитата на правата на родителите и интересите на децата. Членовите на Европскиот парламент бараат да биде заштитено правото да се посвои дете од друга европска земја, како и да бидат заштитени и децата коишто ќе бидат посвоени од граѓани на ЕУ.

На дневниот ред ќе се најде и Нацрт-законот во Литванија,  кој европратениците го сметаат за сериозно ограничување на слободата на говорот и изразувањето, како јавната поддршка за рамноправност или кампањи против сексуална дискриминација.

Останати теми на кои ќе се дебатира во Стразбур се: ситуацијата на Хаити, една година по катастрофалниот земјотресот; нередите во Тунис; правото на слобода на религијата по повод насилствата над христијаните во Египет, Ирак и Нигерија; актуелната паника со диоксинот во храната, стратегијата за Црно Море и др.

 

Click