Активности



Петок, 25 март 2011 година

Поддршка и сочувство до јапонскиот народ од сите граѓани на Македонија

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Јани Макрадули, денеска оствари средба со Н.Е. Шигео Иватани, вонреден и ополномоштен амбасадор на Јапонија за Република Македонија, со седиште во Виена, кој ја посети Република Македонија за да ги предаде акредитивните писма.

Во воведното излагање, потпретседателот Макрадули изрази сочувство до јапонскиот народ за трагедијата што му се случи, истакнувајќи дека нема зборови што можат да ги заменат жртвите, да ја изразат нашата тага, особено имајќи предвид што и Скопје беше жртва на земјотрес. Тој истакна дека ја сака Јапонија поради нејзината високо развиената технологија, и дека од оваа несреќа сме научиле дека секогаш треба да целиме кон развивање на највисоки технологии.

Исто така, г. Макрадули посочи дека е член на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Јапонија и изрази надеж дека Јапонија набрзо ќе се опорави од катастрофата што ја снајде.

Република Македонија, како мала земја и Владата, не можат финансиски да помогнат онолку колку што Јапонија му помогна на Скопје, но поддршката и сочувството до јапонскиот народ доаѓаат од сите граѓани на Република Македонија.

Неговата екселенција Шигео Иватани истакна дека е известен оти македонската Влада дала помош за граѓаните на Јапонија, меѓутоа е вчудоневиден од огромната поддршка и сочувството на граѓаните на Република Македонија и е благодарен за истите.

Тој, исто така, посочи дека високата технологија не може да спречи природни катастрофи, но може да се употреби за да се спречи катастрофа од поголеми размери во природата.

Јапонија ќе ѝ даде донација од 124.000 евра на Република Македонија за реконструкција на основните училишта.

Амбасадорот Шигео Иватани сакаше изворно да се запознае со состојбата во Република Македонија, што би било основа за продлабочување и унапредување на односите меѓу двете земји на повеќе нивоа, меѓучовечки, економски, културни, меѓународни и други.

Во контекст на ова, амбасадорот информира дека во 2014-та е 20-годишнина од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Јапонија.

Click