Активности



Понеделник, 7 февруари 2011 година

Парламентарна делегација на Собранието на Република Македонија оствари посета на Литванија и Латвија

Пратениците Лилјана Поповска, Оливер Алексовски и Зумрете Јакупи, како членови на Пратеничката група за соработка со парламентите на балтичките земји: Естонија, Латвија и Литванија од 31 јануари до 3 февруари остварија работни посети на парламентите на Литванија и на Латвија. 

Во текот на првата посета на парламентарната делегација на Собранието на Република Македонија на Парламентот на Литванија, беше потпишана Заедничка изјава од страна на претседателите на пратеничките групи, г-ѓа Лилјана Поповска и г. Егидијус Вареикис во која се наведува дека се поздравува воспоставувањето на односи и размена на мислења меѓу Собранието на Република Македонија и Парламентот на Литванија и дека двете страни ќе продолжат да ја промовираат парламентарната соработка за прашања од заеднички интерес.

Во текот на посетата, во Парламентот на Литванија беа разменети мислења со членовите на Комисиите за надворешна политика и на европски прашања. На средбите се дискутираше за улогата и работата на парламентот во достигнувањето на стандардите за евроатлантска интеграција. 

Возвратната посета на Латвија, прва по одржаните парламентарни избори во октомври 2010 година, претставуваше продолжување на успешната соработка со парламентот на оваа пријателска држава. Делегацијата во Рига се сретна со членовите на Пратеничката група за соработка со парламентот на Република Македонија, со членовите на комисиите за надворешна политика, за европски прашања, за човекови права и јавни прашања, како и со министерот за надворешни работи, заменик министерот за екологија и регионален развој како и со градскиот архитект на Рига. Беа разменети повеќе мислења за актуелните прашања во двете држави и беше искажана безрезервна поддршка за аспирациите на Република Македонија за полноправно членство во евроатлантските структури.  


 

Click