Активности

Петок, 11 февруари 2011 година, Будимпешта

Пратеникот Петар Поп-Арсов учествуваше на Kонференција на претседатели на комисиите за европски прашања на државите-членки на Европската унија-КОСАК  

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Петар Поп-Арсов, од 10 до 11 февруари 2011 година учествуваше на Конференција на претседатели на комисии за европски прашања на државите-членки на Европската унија - КОСАК, што се одржа во Будимпешта, Република Унгарија.

На конференцијата воведно обраќање имаше претседателот на Унгарското национално собрание г. Ласло Ковер, кој ги потенцираше претстојните активности на Унгарскиот парламент и заедничките активности на европската тројка, кои ќе придонесат кон остварување на Програмата за работа на Унгарското претседателство.

Говорејќи за приоритетите на унгарското претседателство, министерот за надворешни работи на Унгарија, г. Јанош Мартони истакна дека унгарското претседателство се залага за силна и економски развиена Европа, која преку развиени институции, силна политика и економија ќе ја надмине економската криза. Господин Мартони, исто така, истакна дека процесот на проширување останува да биде еден од приоритетите на Европската унија за време на унгарското претседателство.

Господин Марош Шефчовиќ, заменик-претседател на Европската комисија задолжен за меѓуинституционални односи и администрација ја образложи Програмата за работа на Европската комисија за 2011 година и ги истакна можностите за учество на националните парламенти при креирање на истата.

Претседателот на Комисијата за европски прашања г. Петар Поп-Арсов оствари контакти со повеќе претседатели на комисии за европски прашања на земјите-членки на ЕУ, со кои дискутираше за одредени прашања актуелни во Европската унија, како и за можностите за деблокирање на евроинтегративните процеси на Република Македонија.
Click