Активности



Вторник, 5 април 2011 година

Сто и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на вчерашната Сто и втора седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на дадени позајмици во траен влог во друштвото АД Органско хемиска индустрија „Наум Наумовски-Борче” - Скопје,  по скратена постапка;
  2. Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Јапонската Банка за меѓународна соработка по Договорот за заем за реализација на „Проектот за подобрување  на искористување на водата во басенот на реката Злетовица“, по скратена постапка;
  3. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнителното финансирање на Проектот за АД МЕПСО, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и АД МЕПСО, по скратена постапка;
  4. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на претходните и подготвителните работи за Проектот „Луково Поле и довод на Корапски води“, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и АД ЕЛЕМ, по скратена постапка;
  5. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци”, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова-КфВ и АД ЕЛЕМ, по скратена постапка.

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде заменикот на министерот за финансии,  г. Недим Рамизи.

- Во однос на Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на дадени позајмици во траен влог во друштвото АД Органско хемиска индустрија „Наум Наумовски-Борче” - Скопје, тој истакна дека на крајот на 2008 година беше донесен закон за претворање на побарувањата на РМ во траен влог во четири друштва со доминантен државен капитал.

Целта на овој закон беше насочена кон намалување на долговите кои овие друштва ги имаа напластено во изминатата деценија.

Со оглед на фактот што станува збор за друштва со доминантен државен капитал, државата го толерирала работењето со загуба на овие друштва со децении, со цел да го одржи производството на овие големи комбинати, да ги задржи вработените кои се во поодминати години и со нивно отпуштање се создава само дополнителен проблем, а не се надминува постоечкиот.
Притоа, овие друштва не се задолжени само спрема нивниот основач и сопственик – Република Македонија, туку огромни се и долговите спрема приватни кредитори или деловни соработници.

За Владата од огромно значење беше приватизацијата на државниот капитал во овие друштва токму со цел да се надминат овие проблеми. Концептот беше насочен така што Владата го презема делот на долговите кои се однесуваат токму спрема Република Македонија, а приватен инвеститор или стратешки партнер, кој ќе победи на јавен тендер за продажба на акциите го презема делот на долговите што друштвата ги имаат спрема приватни кредитори и деловни соработници, но и консолидацијата и рестартирање на овие фабрики.

На таков начин, со спроведената конверзија значително се намалија обврските на ОХИС АД, а во однос на долговите по основ на јавни давачки спрема РМ заклучно со 31.12.2008 година целосно се надминаа, вклучувајќи ги и придонесите за задолжително социјално осигурување на вработените.

Исто така, со заедничко дејствување на Владата на РМ и ОХИС, со мотивирачки пакети за вработените се намали и нивниот број за околу 500 вработени. Во меѓувреме, ОХИС продолжи да работи, а течеа јавни огласи за продажба на државниот капитал. На таков начин, настанаа нови долгови на друштвото, кои ја оптоваруваат неговата идна продажба и интерес кај инвеститорите.

Во овој меѓупериод, дополнителните оптоварувања на ОХИС спрема РМ се во износ од 200 милиони денари, а се однесуваат на исплатени позајмици и финансиска помош за ОХИС, во насока на одржување на производствениот процес и исплата на платите на вработените.

Со овој Предлог-закон, се предвидува овие побарувања на РМ да се претворат во траен влог во ОХИС АД, а целта е секако продажба на државниот пакет на акции.

- По Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Јапонската Банка за меѓународна соработка по Договорот за заем за реализација на „Проектот за подобрување  на искористување на водата во басенот на реката Злетовица“, заменик-министерот за финансии истакна дека главната цел на Проектот е обезбедување вода за пиење за околу 100.000 жители, кои живеат во 6 општини во источниот дел на Република Македонија: Карбинци, Кратово, Лозово, Пробиштип, Свети Николе и Штип.

Согласно Договорот за заем потпишан помеѓу JICA и Владата на Република Македонија, со првата фаза се предвидува зафаќање на водите од сливот на реката Злетовица и дистрибуирање на непреработена вода до сите 6 општини. Обврска на општините е да се пречисти непреработената вода и да се дистрибуира до граѓаните.

Со цел завршување на сите потребни активности околу изградбата на ХС Злетовица, датумот на завршување на Проектот е продолжен за период од две години односно до 26.1.2013 година.

По завршување на сите предвидени активности согласно Договорот за заем за првата фаза за проектот Злетовица, 3.354.237 евра од заемот од JICA ќе останат неискористени.

Овој износ на средства може да биде пренаменет за реализација на дополнителни активности кои се неопходни за функционирање и одржување на ХС Злетовица, како и за изградба/реконструкција на постројките за пречистување на вода за пиење (ППВ) за три општини Карбинци, Штип и Пробиштип, со што ќе се овозможи кон ХС Злетовица да бидат приклучени вкупно 97,1% или 94.570 граѓани (заедно со општините Свети Николе и Кратово).

На овој начин ЈП ХС Злетовица ќе може да остварува приходи од продажба на водата кои ќе помогнат во обезбедување на средства за функционирање и одржување на системот како и за отплатата на кредитот од JICA наменет за реализацијата на првата фаза од проектот Злетовица.
 
- Во однос на Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнителното финансирање на Проектот за АД МЕПСО, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и АД МЕПСО, г. Рамизи истакна дека средствата од овој заем се во износ од 3 милиони евра, а притоа АД МЕПСО ќе учествува и со сопствени средства во износ од 7.36 милиони евра.

Проектот ќе ја поддржи Компонентата Б „Ревитализација и изградба на далекуводи“ од тековниот Проект за АД МЕПСО и тоа преку следните две активности:

  • Изградба на 400 kV интерконекција Штип (Република Македонија) – Ниш (Република Србија) - Со изградбата на оваа интерконекција ќе се обезбеди поголема сигурност на работата на електроенергетските мрежи на подрачјето на Југоисточна Европа и зајакнување на електричните врски на релација север – југ, посебно во летните месеци кога се реализира интензивна размена во овој правец, како и во случај на ремонти на значајните преносни капацитети во овој регион.
    Новата линија ќе доведе до значителни локални и регионални користи и ќе ја зголеми  стабилноста и сигурноста на електроенергетските системи во регионот.
    Имено, ќе се обезбедат услови за сигурна размена на поголеми количини на електрична енергија, како помеѓу електроенергетските системи на Република Македонија и Република Србија, така и помеѓу електроенергетските системи во подрачјето на Балканот во целина, и ќе се обезбедат услови за приклучување на идни 400 kV трансформаторски станици за обезбедување сигурна и квалитетна испорака на електрична енергија во конзумните подрачја долж далекуводот.
    Потребата за брзо спроведување на македонскиот дел од интерконекцијата Штип – Ниш, произлегува и од фактот што српскиот дел од оваа интерконекција е во фаза на имплементација и истиот се очекува да биде подготвен за работа пред крајот на 2011 година;
  • Замена на 110 kV далновод ТС Скопје 1 - ТС Тетово 1 - Оваа активност ќе доведе до подобрување на сигурноста во снабдувањето на електрична енергија во тетовскиот регион, што поволно ќе влијае на квалитетот на животот и економски развој во овој дел од земјата. 

- Заменик-министерот за финансии, по Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на претходните и подготвителните работи за Проектот „Луково Поле и довод на Корапски води“, кој ќе се склучи меѓу Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка и АД ЕЛЕМ, истакна дека со реализација на Проектот ќе се намали увозот на електрична енергија, а со тоа и одливот на парични средства надвор од границите на државата, кои понатаму може да се искористат за финансирање на други проекти  во енергетскиот сектор.

Исто така, ќе се обезбеди стабилен домашен производен капацитет со прифатлива цена на електрична енергија, која нема да биде зависна од негативните и турбулентни берзански удари и промени на светскиот енергетски пазар.
Вкупно потребните средства за претходни и подготвителни работи за проектот се проценети на 3.400.000 евра, од кои 2.245.507 евра ќе се обезбедат со заемот од Светска банка, a останатиот износ од 1.154.492 евра се сопствени средства на АД ЕЛЕМ.

- По Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем, наменет за финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци”, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова-КфВ и АД ЕЛЕМ, г. Рамизи истакна дека Проектот има за цел искористување на ветрот како обновлив извор на енергија преку изградба на ветерни електрани со кои ќе се постигне годишно производство на 100 GWh  природно одржлива енергија.

Со реализација на Проектот ќе се прошират изворите за снабдување со енергија и ќе се овозможи вклопување на обновливите извори на енергија во националната мрежа.

Средствата предвидени за реализација на овој проект, изнесуваат 55.500.000 евра, од кои 22.600.000 евра ќе бидат обезбедени од АД ЕЛЕМ, додека 32.900.000 евра ќе бидат финансирани со заем од страна на Кредитната банка за обнова – КфВ. Заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција.


  • Со оглед на тоа што по сите горенаведени Предлог-закони не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на законите и му предлага на Собранието да ги разгледа и да ги донесе истите.
Click