Активности



Петок, 25 февруари 2011 година, Виена, Австрија

Учество на пратеникот г. Хисен Џемаили, на Десеттата зимска сесија на ПС на ОБСЕ

Пратеникот г. Хисен Џемаили, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествува на Десеттата зимска сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува на 24 и 25 февруари 2011 година во Виена, Австрија.

Во рамките на сесијата, на која учествуваат околу 240 пратеници од 53 земји, се одржаа седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, заедничка седница на трите комисии и седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ.

На заедничката седница на трите комисии на ПС на ОБСЕ на пратениците им се обрати г. Аудрониус Ажубалис, министер за надворешни работи на Литавнија и претседавач со ОБСЕ, кој информираше за програмата на литванското претседателство со Организацијата. Тој истакна дека земјите-учеснички во ОБСЕ постигнале значаен индивидуален и колективен напредок во изминатите години, но сè уште постојат предизвици во врска со обезбедувањето на основните човекови права, гарантирањето на фер избори, заштитата на слободата на говорот и безбедноста на новинарите и гарантирањето дека антитерористичките мерки соодветствуваат со меѓународните стандарди за човекови права. Во врска со состојбата во Медитеранскиот регион, г. Ажубалис оцени дека ОБСЕ би можела да обезбеди поддршка, совети и размена на искуства на Египет и Тунис, кои се земји-партнери за соработка на ОБСЕ.

Претседателот на ПС на ОБСЕ, г. Петрос Ефтимиу се заложи за транспарентност на процедурата за избор на генерален секретар на ОБСЕ, подвлекувајќи дека на оваа позиција треба да биде избрана личност од висок политички калибар, со цел да се зголеми имиџот на Организацијата.

На одделните седници на трите комисии на пратениците им се обратија г-ѓа Барбара Прамер, претседател на австрискиот парламент, г-ѓа Мариа Грација Џамаринаро, специјален претставник и координатор на ОБСЕ за борба против трговијата со луѓе, г-ѓа Дуња Мијатовиќ, претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите, г. Јанез Ленарчич, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР) и други високи претставници на ОБСЕ и експерти.

Во рамките на Зимската сесија ќе се одржат и две специјални дебати. Конгресменот г. Алси Хејстингс, специјален претставник на ПС на ОБСЕ за медитерански прашања ќе ја отвори дебатата на тема „Тековната состојба во Медитеранот“. Воведничари на специјалната дебата за „Имиграција, интеграција и мултиетнички дијалог во ОБСЕ“ ќе бидат г. Кнут Волебек, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и г-ѓа Катлин Фериер, специјален претставник за миграции на ПС на ОБСЕ.

Click