Собраниско раководство



Петок, 28 јануари 2011 година

ДЕЛЕГАЦИЈА НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ПРЕДВОДЕНА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ, ВО ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА ЦРНА ГОРА

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, а во чиј состав се и пратениците г. Крсто Мукоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на пратеничката група за соработка со парламентот на Црна Гора, г-ѓа Ермира Мехмети, пратеник на ДУИ и г. Миле Андонов, пратеник на СДСМ, членови на групата, оствари средба со претседателот на Парламентот на Црна Гора, г. Ранко Кривокапиќ.

Двајцата соговорници се согласија дека билатералните односи меѓу двете држави се на високо пријателско ниво, а во тие рамки се и односите меѓу двата парламенти. Високоразвиените односи даваат свој придонес кон целокупната стабилност во регионот, а со тоа и на неговата евроатланска перспектива. Она што е потребно, е интензивирање на односите во економската сфера. Во таа насока, потребно е да продолжат средбите на највисоко ниво, вклучувајќи ја и бизнис заедницата, од што ќе произлезат иницијативи за подобрување на економските односи. 

Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, во контекст на што побрзото реализирање на заедничката цел - евроатланската интеграција, му посака на својот домаќин многу брзо добивање датум за отпочнување на преговори со Европската унија. Констатирајќи дека Република Македонија веќе втора година добива препорака од Европската комисија за добивање на датум за отпочнување на преговорите, но поради блокадата на Грција и апсурдниот спор околу нашето уставно име, тоа не се случува, претседателот Вељаноски истакна дека Македонија, активно учествувајќи во преговорите кои се водат во рамките на Обединетите нации, е подготвена за изнаоѓање на компромисно решение кое на било кој начин нема да го загрози нашиот национален, културен или јазичен идентитет. Од своја страна, домаќинот Кривокапиќ, изнесе разбирање за сложеноста на прашањето, при што даде поддршка за што побрзо договорно решавање на спорот.

„Продолжувајќи со реформите и особено со хармонизација на нашето законодавство со европското, а имајќи во вид дека националните парламенти се локомотивата на евроатланскиот воз, мислам дека нашата идна соработка треба да ја интензивираме токму на овие прашања. Ние сме подготвени со Парламентот на Црна Гора да ги споделиме сите искуства, како позитивните, така и оние помалку позитивните, околу овие прашања“, истакна во продолжение претседателот Вељаноски.

Говорејќи за развојот на билатералните односи, претседателот Вељаноски информираше дека неодамна во Собранието на Република Македонија беа ратификувани уште две билатерални спогодби меѓу двете држави, едната е Спогодбата за научна и технолошка соработка, а втората за соработката во областа на образованието.

Во делот на унапредувањето на економската соработка, претседателот Вељаноски потенцираше дека Црна Гора како туристичка дестинација станува сè повеќе атрактивна за нашите граѓани, а токму туризмот, и сè она што го следи туризмот, може да биде основа за развивање економска соработка на повисоко ниво.

На срдечната средба, која претседателот на Собранието ја имаше со претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, беше разговарано за повеќе теми од заемен интерес, при што беше потенцирано високото ниво на развиеност на односите меѓу двете пријателски држави, кои даваат свој придонес и на целокупната стабилност во регионот и на неговата евроатланска перспектива.

„Република Македонија и Црна Гора навистина не се најголемите и најбројните држави во регионот, но со својата политика на градење на добрососедски односи, со својата проевропска политика се препознатливи не само во регионот, туку и пошироко“, истакна на средбата претседателот Вељаноски.

Од своја страна, г. Вујановиќ го истакна големото значење на евроаталанскиот интегративен процес за напредокот на двете држави, како и потребата од развој на меѓусебните економски односи кои треба да ги следат одличните политички релации. За време на средбата, претседателот Вујановиќ се осврна и на спорот со Српската православна црква.

На крајот од официјалната посета на Црна Гора, претседателот на Собранието, г. Вељаноски, се сретна со новиот црногорски премиер, г. Игор Лукшиќ. Честитајќи му го неодамнешен избор и посакувајќи му успех во извршувањето на премиерската функција, претседателот Вељаноски во текот на средбата се задржа на економските прашања и соработка, за која рече дека за жал заостанува зад вкупните билатерални односи. Тој оцени дека економската криза негативно влијаеше на сите национални економии, но сепак Република Македонија и во такви услови минатата година ја заврши релативно успешно, односно последиците од кризата не предизвикаа некои поголеми негативни ефекти, при што оваа година во Македонија се планира реален пораст на бруто домашниот производ од околу три проценти.

„Туризмот, земјоделските производи, прехранбената индустрија, градежништвото, сообраќајот, и така натаму, се подрачја каде што двете стопанства можат многу да направат секако во заемен интерес“, истакна на оваа средба претседателот Вељаноски.

Претседателот Вељаноски изрази целосна подготвеност за помош и споделување на сите искуства кои Република Македонија ги има во евроатланските процеси како позитивните, така и оние помалку позитивни.

Од своја страна премиерот Лукшиќ изрази задоволство од средбата и можноста за размена на мислења, при што даде целосна поддршка на напорите Република Македонија да стане членка на Европската унија, заблагодарувајќи се за досегашната поддршка од Македонија, како и од понудената помош во сферата на евроатланските прашања. Премиерот Лукшиќ особено се задржа на прашањето за тоа како да се унапреди економската соработка.

Во рамките на севкупните пријателски билатерални односи, своевиден мост за соработка претставуваат и припадниците на македонското малцинство во Црна Гора и црногорското во Република Македонија.

Click