2011



Петок, 4 март 2011 година

Агенција за соработка на енергетските регулатори - нов поттик за внатрешниот пазар на Унијата

На 3 март 2011 година, европскиот комесар за енергетика, г.Гинтер Ојтингер и премиерот на Република Словенија, г.Борут Пахор, на свечена церемонија ја официјализираа работата на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER), со седиште во Љубљана.

Агенцијата за соработка на енергетските регулатори е основана согласно Регулативата на ЕЗ бр.713/2009 и е дел од Третиот пакет за либерализација на енергетскиот сектор кој обезбедува ефикасна регулаторна рамка за развој на отворени, интегрирани и конкурентни енергетски пазари во ЕУ.

Отворањето на Агенцијата се совпаѓа со стапувањето во сила на Третиот енергетски пакет кој се состои од две директиви и три регулативи. Директивата 2009/72/EC од 13 јули 2009 за заеднички правила за внатрешниот пазар на електрична енергија и Директивата 2009/73/EC од 13 јули 2009 година во врска заедничките правила за внатрешниот пазар на природен гас, треба да се транспонираат во националното законодавство на земјите членки од 3 март 2011 година.

Трите регулативи, Регулативата (ЕЗ) бр.713/2009 за основање на Агенција за соработка на енергетски регулатори, Регулативата (ЕЗ) бр.714/2009 за условите за пристап до мрежата за прекугранична размена на електрична енергија и Регулативата (ЕЗ) бр.715/2009 за условите за пристап до мрежите за пренос на природен гас, се директно применливи.

Агенцијата ќе ја надополнува и координира работата на националните регулаторни органи во областа на енергетиката, ќе помага во отстранување на техничките бариери во прекуграничната трговија со енергија, ќе ги координира активностите на националните енергетски регулатори и ќе помага за решавање на можните конфликти меѓу нив. На овој начин, ќе се придонесе за зголемување на конкуренцијата и обезбедување на фер цени за потрошувачите и компаниите.

Подетални информации на веб-страницата на Агенцијата за соработка со енергетските регулатори (ACER):
http://acer.europa.eu/

Click