2011



Среда, 25 мај 2011 година

ЕВРОПСКА "ЗЕЛЕНА НЕДЕЛА 2011"

На 24 мај во Брисел беше свечено отворена конференцијата посветена на Европската зелена недела 2011, со повик кон граѓаните "да се користи помалку-да се живее подобро". Конференцијата ќе трае до 27 мај оваа година при што ќе земат учество околу 3500 европски експерти, научници, бизнис лидери, владини претставници кои ќе дебатираат и разменат мислења за пристапот на Европската унија за заштита, зачувување и подобрување на животната средина. На околу 50 штандови организациите и компаниите ќе имаат можност да ги изложат најдобрите практики за ефикасно користење на ресурсите. Во рамките на настанот се планираат да се одржат и околу 30 активности надвор од Брисел, меѓу кои во Словенија и во Полска.

Ефикасност на ресурсите подразбира користење на ограничените ресурси на Земјата на одржлив начин. Зависноста од ресурсите како што се металите, минералите, горивата, водата, чистиот воздух, плодната почва, е важна за опстанокот како и за здрава модерна економија. Се додека овие ресурси се ограничени, истите мора да се користат на одржлив начин. Европа со ефикасни ресурси е приоритет на Европската унија како дел од Стратегијата 2020 за одржлив раст и работни места.

Овогодинешиот форум "Зелена недела 2011", нема да ги опфати само прашањата за поставување на ограничувања на потрошувачката на ресурсите. Достигнувањето на ефикасност на ресурсите претставува широк спектар на можности за раст и работни места.

Европската комисија во комуникацијата од 26 јануари оваа година, веќе изнесе предлози за паметно користење на природните ресурси, за заштита на животната средина и економски раст. Дискусиите кои ќе се водат во рамките на Зелената недела 2011, сé со цел да се помогне за зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста. Исто така се планира да се опфатат и теми од областа на зелените хемикалии и вештини, вработувања, финансирање на еко-иновации и претворање на отпадот во ресурси.

Еден од најзначајните моменти на манифестацијата е посетата на Solar Impulse на аеродромот во Брисел, првиот авион дизајниран за дневни и ноќни летови без користење на гориво и без производство на јаглерод диоксид. Истиот ќе биде изложен во Брисел од 23-29 мај оваа година. 

Повеќе информации на следниот линк:
http://www.greenweek2011.eu/

Click