2011



Четврток, 3 март 2011 година

Годишен повик на Европската комисија за финансирање на проектни предлози во рамки на Програмата „Живот плус“

Европската комисија на 26 февруари 2011 година го објави петтиот по ред годишен повик за финансирање на проектни предлози во рамките на Програмата „Живот плус“, која претставува Европски финансиски инструмент за животна средина, воведен со Регулативата бр.614 од 9 јуни 2007 година.

Проектните предлози треба да бидат испратени до надлежните државни органи најдоцна до 18 јули оваа година, кои потоа ќе ги достават до Европската комисија до 9 септември. Комисијата ќе ги проверува проектните предлози според критериумите од Програмата „Живот плус“ и ќе ги оценува врз основа на критериумите за селекција и доделување.

Проектните предлози треба да бидат насочени кон една од трите компоненти на програмата: природа и биодиверзитет, политика на животна средина и управување и информирање и комуникации. Ќе бидат достапни средства во износ од 267 милиони евра за кофинансирање на договорите за доделување на грантови.

Програмата „Живот плус“ е составена од три компоненти:

  1. Компонента - природа и биодиверзитет; проекти наменети за подобрување и зачувување на загрозените видови и природните живеалишта, имплементација на ЕУ директивите за птици и природни живеалишта, мрежата Природа 2000 и целта на ЕУ да се спречат загубите на биодиверзитетот. Максималната стапка на кофинансирање може да достигне до 75% за приоритетни видови и живеалишта, но вообичаено е околу 50%;
  2. Компонента - политика на животна средина и управување; иновативни или пилот проекти кои придонесуваат за развој на технологии, методи и инструменти во многу области: воздух, вода, клима, почва, земјоделство, отпад. Оваа компонента исто така дава поддршка на проекти за подобрување на имплементацијата на законодавството на ЕУ од областа на животната средина, за градење на политика на животна средина базирана на знаење и за развивање на еколошки информациски извори преку набљудување. Проектите од оваа компонента можат да бидат кофинансирани најмногу до ниво од 50%;
  3. Компонента - информирање и комуникација; проектите се поврзани со комуникација и кампањи за подигање на свеста за животната средина, заштита на природата и биодиверзитетот и проекти за спречување на шумски пожари.

Повеќе информации за Програмата „Живот плус“ на:
http://ec.europa.eu/life

Click