2011



Понеделник, 30 мај 2011 година

НОВИ ИНИЦИЈАТИВИ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ЕФИКАСНА ПОЛИТИКА ЗА МИГРАЦИЈА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Слободното движење претставува фундаментално право на сите граѓани на Европската унија. Притисокот од имиграцијата врз надворешните граници на ЕУ треба да биде ефикасно управуван и во исто време да го поттикнува легалниот влез на квалификувана работна сила.

Унијата се обидува да создаде заеднички систем за азил, да ги зајакне граничните контроли, да го зголеми надзорот над границите и безвизните области, а политиката на имиграција да ја користи со цел да помогне и во пополнувањето на празнините на пазарот на трудот. Од почетокот на оваа година, политичките немири во Северна Африка доведоа 25.000 имигранти на бреговите на ЕУ, главно во Италија и Малта. 

Унијата тежнее кон развивање на мобилни партнерства за да им помогне на Тунис, Египет и Мароко да креираат програми за вработување во ЕУ. Партнерствата вклучуваат и перспективи за полесно добивање на визи за студенти, бизнисмени и истражувачи.

Европската комисија на 24 март оваа година предложи пакет на иницијативи за подобро управување со миграциските текови од јужниот регион на Медитеранот, како и амандмани на визната регулатива со цел да се обезбеди дека безвизниот режим нема да биде злоупотребен. Новите предлози на Комисијата посветени на миграцијата ги диференцираат економските имигранти кои легално влегуваат во ЕУ, како и бегалците, барателите на азил и привремено раселените лица кои сакаат да се вратат во матичните држави.

Пакетот на иницијативи вклучува три елементи:

  1. комуникација на ЕК од 4 мај 2011 до Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европскиот економско-социјален комитет насловена како  "Дијалог за миграција, мобилност и безбедност со земјите од Јужниот регион на Медитеранот", чија цел е формирање на мобилно партнерство меѓу ЕУ и државите од Северна Африка.
  2. Годишен извештај за имиграција и азил за 2010 година, со кој се истакнати главните достигнувања во областа на миграцијата во ЕУ и на национално ниво.
  3. предлог за измена на Регулативата 539/2001 на Советот од 15 март 2001 година за листа на трети земји чии државјани мора да поседуваат визи при преминување на надворешните граници и за земји чии државјани се ослободени од барањето. Со амандманите за измена на оваа Регулатива се предлага воведување на дозволена заштитна клаузула при одредени исклучителни услови за привремено воведување на виза за трети земји.

Овие иницијативи на Комисијата се очекува да бидат разгледани од земјите членки на самитот на Европскиот совет, што треба да се одржи на 24 јуни годинава во Брисел.

Повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/dgs/home-affairs/index_en.htm 

Click