2011



Четврток, 21 април, 2011 година

ПРЕДЛОГ ЗА РЕВИЗИЈА НА ДИРЕКТИВАТА НА СОВЕТОТ ЗА ЕНЕРГЕТСКО ОДАНОЧУВАЊЕ 
 
Европската комисија, на 13 април оваа година, го претстави предлогот за ревизија на Директивата на Советот од 27 октомври 2003 година за преструктуирање на рамката на Заедницата за оданочување на енергетски производи и електрична енергија (2003/96/ЕЗ). Енергетското оданочување постои во сите земји-членки на ЕУ и е усогласено до одреден степен на ниво на ЕУ. Директива за енергетско оданочување од 2003 година ги поставува заедничките правила за тоа што е предмет на оданочување и дозволените исклучоци

Согласно Стратегијата Европа 2020, која ги утврдува енергетските и климатските цели на Европската унија за следната деценија, Директивата за енергетско оданочување ќе биде новата рамка според која европската даночна политика ќе придонесува за позелен развој.

Предлогот е во правец на реструктуирање на моменталното оданочување на енергијата на пообјективен начин, водејќи сметка за емисиите на CO2 и енергијата содржана во енергетските производи. Воведувањето на елементот CO2 во енергетското оданочување е во согласност со обврските на ЕУ за справување со климатските промени. Во зависност од степенот на емисиите на CO2 кај одделни горива, соодветно ќе се пресметува и оданочувањето, повисоките емисии ќе имаат поголемо оданочување.

Придобивките од ревизијата на Директивата се во полза на обновливите извори на енергија, ќе се поттикне потрошувачката на енергенси кои емитуваат помалку CO2. Во моментов, најголеми загадувачи се изворите на енергија кои се со најмало оданочување, додека биогоривата имаат највисока стапка на оданочување.

Иницијативата ќе помогне на ЕУ во исполнувањето на целите за енергијата и климатски промени, како што беше побарано во заклучоците на Европскиот совет од март 2008 година и беше повторено на Конференцијата на ОН за климатски промени во декември 2010 година одржана во Канкун, Мексико.

Се предвидува актот да стапи во сила во 2013 година. За земјите-членки ќе биде предвиден период на усогласување, во кој ќе треба постепено да ги реструктуираат даноците и да им овозможат на националните администрации, бизнисите и енергетските сектори да се прилагодат. За предлогот на Комисијата се очекува да се дискутира во Европскиот парламент и во Советот.


Повеќе информации на следниот линк:

http://ec.europa.eu/taxation_customs/index_en.htm 

Click