2011



Петок, 17 јуни 2011 година

ПРЕПОРАКИ ДО ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА НАЦИОНАЛНИТЕ БУЏЕТИ И ЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА 2011-2012

Европската комисија на 7 јуни оваа година препорача мерки кои треба да ги превземат земјите членки на ЕУ со цел да го стимулираат економскиот раст, за создавање на повеќе работни места како и одржување под контрола на јавните финансии.

Објавените препораки се базираат на темелна проценка на плановите на секоја земја членка за цврсти јавни финансии (преку програми за стабилност или конвергенција) и мерките на политиката за зголемување на растот и работните места (преку национални реформски програми).

Со препораките на Комисијата се повикува за:

  • интензивирање на напорите со цел да се постигнат целите за вработување, истражување и развој, енергетска ефикасност, високото образование и намалување на сиромаштијата;
  • поголема посветеност за намалување на долговите и ограничување на јазот меѓу трошоците и даночните приходи за да се обезбеди дека националните буџети се во согласност со целите на ЕУ;
  • зголемување на возраста за пензионирање;
  • борба против структурната невработеност и интегрирање на ранливите групи во пазарот на труд;
  • намалување на невработеноста кај младите и учениците кои порано го напуштаат образованието.

Овие препораки се дел од шестмесечниот процес познат како Европски семестар што се спроведува во текот на секоја година кога владите на земјите членки на ЕУ вршат  меѓусебни интензивни консултации при креирањето на сопствените буџети и економски политики.

Се очекува на состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 јуни, да се дискутира  за препораките на Комисијата, а во јули истите официјално да се одобрат. Потоа, секоја земја членка на Унијата ќе треба да ги вклучи препораките во националниот буџет за 2011-2012. Комисијата и земјите членки ќе го надгледуваат спроведувањето на мерките од страна на секоја земја.

Click