ЕУ вести


Понеделник, 18 април 2011 година

Филм сниман во Македонија доби награда од Советот на Европа

Филмот„Како да ме нема“ во ирско-шведско-македонска копродукција на режисерот Хуанита Вилсон, е добитник на филмската награда „FACE“, која ја доделува Советот на Европа за придонес кон развојот на човековите права преку филмот. Најголемиот дел од овој филм е сниман токму во нашата земја, со главна улога на македонската актерка Наташа Петровиќ и учество на голема македонска екипа, а е поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија.

Првиот долгометражен филм на ирската сценаристка, продуцентка и режисер, кој е правен според истоимениот роман на Славенка Дракулиќ, зборува за страдањата на младата босанска учителка Самира (Наташа Петровиќ) од едно босанско село, која ќе биде заробена и одведена во логор, во самото средиште на пеколот на босанската војна.

И покрај големата трагедија, сепак, филмот остава простор за надеж и е потсетник дека жените се иднината на човештвото.

„Сите војни се лоши и сурови, но оваа се издвојува меѓу нив. Срамота е за сите нас, што ова се случувало во Европа, пред нашите очи. Документирано е дека речиси 60.000 жени во Босна биле силувани. Денеска, само благодарение на нивните сведочења и нивната храброст, тие силувања почнаа да се сметаат како воени злосторства“, изјави г-ѓа Вилсон.

Наградата, која се состои од бронзена скулптура и 10.000 евра, беше доделена за време на завршната церемонија на 30. Меѓународен филмски фестивал во Истанбул. 

Членовите на жирито доделија и специјална награда на режисерот Седат Јилмаз за филмот „Прес“, кој испраќа порака за почитување на слободата на изразување и слободата на информации, кои се темел на човековите права, демократијата и законодавството.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.