ЕУ вести


Петок, 8 април 2011 година

Меѓународен ден на Ромите

Денеска, 8 април, е Меѓународен ден на Ромите, кој се одбележува од 1971 година, кога на Првиот светски конгрес на Ромите во Лондон е одлучено единственото име за овој народ да е Роми, усвоено е ромското сино-зелено знаме, а песната „Џелем, џелем“ е прогласена за ромска химна.

Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Мевлут  Чавушоглу, по повод денешниот ден, упати апел да се засили гласот на Ромите на локално, национално и меѓународно ниво.

„Ромите се најголемото европско малцинство, присутно во речиси секоја од 47-те држави-членки на Советот на Европа, но нивното учество во јавниот и политичкиот живот е минимално. Тоа е тотално погрешно, посебно бидејќи ова малцинство продолжува да живее во шокантни услови во некои делови на Европа, соочено со насилство и дискриминација“, изјави г. Чавушоглу.

Советот на Европа направи важен чекор со помагање за формирање на Европски форум на Ромите и патниците, со кој се овозможува ромскиот глас да се чуе на сеевропско ниво.

Денот на Ромите се слави во Европа, Америка, Африка, Азија и Австралија. Тие, иако живеат насекаде низ светот, сепак немаат своја матична држава. Според последниот попис од 2002 година, во Република Македонија има околу 53.879 Роми или 2.66% од вкупното население. Општина Шуто Оризари е единствената општина во светот каде мнозинството се Роми, а воедно и единствена општина во светот каде ромскиот јазик е официјален, покрај македонскиот.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.