Соопштенија

Четврток, 6 октомври 2011 година

Учество на Македонска собраниска делегација на Есенското заседание на ПС на ОБСЕ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, во состав: г-ѓа Ана Павловска-Данева, шеф на Делегацијата и г. Зиадин Села, член на Делегацијата, ќе учествува на Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 7 до 10 октомври 2011 година во Дубровник, Хрватска.

Во рамките на Есенското заседание, ќе се одржат: Парламентарна конференција на тема: „Регионалниот развој во Југоисточна Европа - предизвици, можности и перспективи“,  седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум.

Се очекува на пратениците да им се обратат г. Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска; г-ѓа Јадранка Косор, премиер на Хрватска; г. Лука Бебиќ, претседател на Хрватскиот парламент; г. Петрос Ефтимиу, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ; г. Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ; г. Тонино Пицула, потпретседател на ПС на ОБСЕ и шеф на Хрватската делегација во ПС на ОБСЕ, и др.

На Конференцијата за регионалниот развој во Југоисточна Европа, ќе се дискутира за економската соработка, евроатлантската интеграција и промовирањето на долгорочна стабилност во регионот.

Покрај членовите на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на Конференцијата ќе учествуваат и шефовите на мисиите на ОБСЕ во регионот, претставници на Европскиот парламент и на Делегацијата на ЕУ во Хрватска, како и бизнисмени и експерти од регионот.

На седницата на Медитеранскиот форум, со фокус на слободата, безбедноста и правдата во Медитеранскиот регион, се очекува учество на делегации од Парламентите на Алжир, Израел, Јордан и Мароко.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 320 парламентарци од 56 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.
Click