Собраниско раководство



Вторник, 9 октомври 2012 година

Претседателот Вељаноски се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Словачка Република, г. Мирослав Лајчак

На средбата која се одвиваше во попладневните часови, во пријателска атмосфера, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изрази голема благодарност на Владата на Словачка Република за континуираната поддршка што ја дава на Република Македонија на патот кон членството во НАТО и ЕУ.

Во пресрет на новиот Извештај за напредокот на Република Македонија, претседателот Вељаноски истакна дека повторно очекува, по четврти пат, препорака од Европската комисија за започнување на преговори, со надеж дека на крајот на годинава во декември, конечно ЕУ ќе определи датум за почеток на преговорите. Тој потенцираше дека јавното мислење во огромен процент е определено за зачленување во НАТО и ЕУ и дека Република Македонија за своја цврста стратешка определба ја има целосната интеграција во НАТО и ЕУ.

Во продолежение, претседателот Вељаноски образложи дека реформите кои се прават, не се прават само заради позитивните извештаи туку како суштинска потреба на македонското општество и домашната економија, а сѐ со цел Република Македонија да биде на потребното ниво, конкуретна и современа, и на политички и на економски план во европското семејство.

Претседателот Вељаноски, во контекст на актуелните политички настани, потенцираше дека Република Македонија и нејзините институции го имаат потребниот капацитет да се справат со секој нов предизвик, со секоја суштинска реформа, процесите да се движат и разрешат во самите институции.

Од своја страна вицепремиерот и министер за надворешни работи Лајчак, изрази големо задоволство од посетата, која ја оцени како историска со оглед дека првпат од независноста доаѓа до официјална билатерална средба на претседатели на парламенти. Тој во оваа насока ја потенцира големата улога која парламентарната дипломатија може да ја одигра во унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи меѓу државите. Тој покажа посебен интерес за текот на нашиот евроинтегративен процес, за политичките прилики притоа заложувајќи се што побргу Република Македонија да го добие датумот за почеток на преговорите.

Претседателот Вељаноски, оствари средба и со потпретседателката на Националниот совет на Словачка Република и претседател на Групата за соработка со Собранието на Република Македонија, г-ѓа Јана Лашакова, како и со македонските бизнисмени и еминентни претставници на македонската заедница во Словачка Република. Претседателот Вељаноски истакна дека со унапредување на политичките односи ќе се  прошири и зајакне и економската соработка меѓу двете пријателски земји. Унапредување на економската соработка, ќе придонесе во јакнење на трговската размена и ќе иницира натамошно зголемување на словачките инвестиции во Република Македонија.

Click