ЕУ вести

Петок, 26 октомври 2012 година

Наградата „Сахаров“ за ирански активисти

Иранските активисти Насрин Сотодех и Јафар Панахи се добитници на овогодишната награда „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата.

„Наградата ‘Сахаров’ е порака за солидарност и признавање за жените и мажите кои не потклекнаа пред стравот и застрашувањата, туку се одлучија во преден план да ја стават судбината на својата земја, пред властите“, изјави претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц, за време на денешната седница во Стразбур.

Насрин Сотодех е адвокат и застапник за човекови права. Таа ги застапувала опозиционите активисти во затвор по спорните ирански претседателски избори во јуни 2009 година, потоа малолетници соочени со смртна казна и жени затворенички. Била уапсена во септември 2010 година за ширење пропаганда и заговор против државната безбедност и била држена во самица. Има две деца и неодамна започнала штрајк со глад во протест против државата поради вознемирување на нејзиното семејство.

Јафар Панахи, пак, е филмски режисер, сценарист и уредник, чии филмови често се фокусираат на тешкотиите со кои се соочуваат децата, сиромашните и жените во Иран. Тој е уапсен во март 2010 година и осуден на шест години затвор и 20-годишна забрана за режирање филмови или напуштање на земјата.

Овие ирански активисти победија во конкуренција на активистот Алеш Бијалијатски од затвореното граѓанско друштво кое се залага за слобода на мислата и слободно изразување во Белорусија и феминистичката панк група Пуси Риот од Русија.

Наградата, во вредност од 50.000 евра, ќе биде врачена на декемвриската пленарна седница на Европарламентот.

 
Click