ЕУ вести

Вторник, 18 декември 2012 година

Нобеловата награда за мир на ЕУ ќе им помогне на децата жртви на конфликти

Европската унија донесе едногласна одлука парите кои ги доби од Нобеловата награда за мир за 2012 година, да ги намени за финансирање на четири проекти во рамките на ЕУ иницијативата „Децата на мирот“. Станува збор за вкупна сума од 2 милиони евра, која ќе биде од помош на 23.000 деца низ целиот свет кои се погодени од конфликти и ќе им овозможи пристап до основно образование.

Со проектите се опфатени околу 4.000 сириски бегалци во камповите на границата меѓу Ирак и Сирија; над 5.000 колумбиски деца, повеќето од нив бегалци во Еквадор; 11.000 деца раселени во источниот дел на Демократска Република Конго и бегалци во Етиопија; 3000 пакистански деца погодени од конфликтите во северниот дел на земјата.

„Во ситуации на конфликт, децата често се најранливата категорија, што е само показател дека од оваа награда треба да имаат корист младите жртви на вооружените конфликти. Драго ми е што оваа иницијатива ќе продолжи и по оваа прва година и се надевам дека ЕУ проектот ‘Децата на мирот’ може да стане симбол на посветеноста на Европската унија на оние кои имаат потреба ширум светот", истакна претседателот на Европскиот совет, г. Херман ван Ромпуј.

Инаку, статистиката вели дека денес 90% од жртвите на конфликтите се цивили, а половина од нив деца. 7 милиони деца се бегалци, а 12,4 милиони се раселени во сопствената земја поради конфликт. Над половина од вкупно 75 милиони деца кои се надвор од училишните клупи, се наоѓаат во конфликтни подрачја.

Еден од најдобрите начини да им се помогне на децата жртви на насилни конфликти, е да им даде можност повторно да учат и да се стекнат со образование и на тој начин нивната иднина да не биде уште потешка.
Click