Соопштенија



Пeток, 12 октомври 2012 година

Процесот за соработка во Југоисточна Европа и неговата парламентарна димензија (ПСЈИЕ ПД)

На состанокот на министрите за надворешни работи во Софија 1996 година е покрената иницијатива за регионална соработка во ЈИЕ, под име Процес на добрососедство, стабилност, безбедност и соработка. Во текот на претседателството на Романија во 2000 година, соработката во регионот е преименувана во Процес за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Во Букурешт е усвоена и Повелба за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во ЈИЕ, која се смета за базичен документ на Процесот и по донесувањето се потпишува при приемот на новите членови.

Земји основачи на ПСЈИЕ се: Албанија, Македонија, Романија, Турција и тогашната Србија и Црна Гора  (по разделувањето со Црна Гора од 2006 година Србија се смета како земја сукцесор во ПСЈИЕ). Подоцна пристапија Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Црна Гора и последна во 2010 година Словенија. Од меѓународната заедница ПСЈИЕ е прифатен  како автентичен глас на регионот кој израснал во форум за политички и дипломатски дијалог во кој се вклучени државите од регионот.

Парламентарна димензија на ПСЈИЕ е започната со Првата конференција на претседателите на парламентите на земјите-членки одржана во Атина 1997 година. Потоа дојде до период од четиригодишно замрзнување на парламентарната соработка во ПС Југоисточна Европа, која е возобновена на иницијатива на Собранието на Република Македонија и во Скопје беше одржана Втората конференција во 2001 година. Со повремен дисконтиниутет, досега се одржани девет конференции на претседатели на парламентитите на земјите-членки на ПСЈИЕ.

На Седмата конференција одржана во Софија 2008 година е започната нова фаза во регионалната парламентарна соработка со усвојување на Меморандумот за разбирање за меѓупарламентарната соработка во Југоисточна Европа, потпишан од претседателите на парламентите на земјите-членки на ПСЈИЕ. Во Финалната декларација од Осмата конференција во Анталија 2010 година прифатена е турската иницијатива за натамошно институционализирање на парламентарната соработка и предлогот за формирање на Работната група „која треба да елаборира и предложи натамошен развој на парламентарната димензија на ПСЈИЕ што би водело до евентуално воспоставување на Парламентарно собрание на ЈИЕ". Во текот на црногорското и српското претседателство со Работната група на ПСЈИЕ ПД одржани се 6 состаноци.

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски на 30 јули 2012 година испрати писмо за определбата за постојано унапредување на добрососедските односи и регионална соработка, како и за предвидените активности во текот на едногодишното македонско претседателство со парламентарната димензија на ПСЈИЕ. Притоа е нагласено дека особено внимание ќе биде посветено на зацврстувањето и натамошен развој на ПСЈИЕ, како на автентичен глас на регионот, кој во европски контекст е прифатен како динамичен и перспективен форум за дијалог и соработка, во што значајно место и улога има неговата парламентарна димензија.

Раководејќи се со Меморандумот за разбирање за меѓупарламентарна соработка во Југоисточна Европа планирано е да се продолжи со сите досега практикувани форми на интерпарламентарните односи и соработка - Годишна конференција на претседателите на  парламентите, редовни и ад хок средби на регионална и субрегионална парламентарна основа, непосредна соработка со другите регионални парламентарни собранија и иницијативи, како и со граѓанското општество на национално и регионално ниво. Тргнувајќи од финалните декларации на конференциите во Анталија и Подгорица, активно ќе се придонесува на имплементацијата на заедничката определба за натамошното институционализирање на парламентарната димензија на ПСЈИЕ, што води кон воспоставување на Парламентарно собрание.

Македонското претседателство со парламентарната димензија на ПСЈИЕ започнува со одбележување на 15-годишнината од Првата конференција на претседателите на ПСЈИЕ, одржана 1997 година во Атина. По тој повод се организира Меѓународна конференција на тема „15 години од парламентарната димензија на ПСЈИЕ - минатото, сегашноста и европската иднина на регионот". Настанот треба да даде осврт за почетоците, достигнувањата, предизвиците и перспективите на меѓупарламентарната соработка во контекст на европското единство. На конференцијата се поканети да учествуваат претставници на националните парламенти, непосредни учесници и познавачи на нашата регионална парламентарна соработка, како и претставници на регионални институции и организации, експерти и претставници на граѓанското општество.
На 16 октомври ќе биде одржан 7 состанок на Работната група за парламентарна димензија на ПСЈИЕ, кој ќе биде посветен на процесот на институционализирање и натамошниот развој на регионалната меѓупарламентарна соработка и на активностите во рамките на ПСЈИЕ во наредниот период.     

Во текот на македонското претседателство предвидени се и повеќе други настани кои ќе бидат финализирани со конференцијата на претседатели на парламенти на земјите-членки на процесот, која ќе се одржи во мај следната година.

Во документите на конференциите и состаноците во рамките на парламентарната димензија на ПСЈИЕ (кои се усвојуваат со консензус) се наведуваат само имињата на градовите во насловот и личните имиња на учесниците, а не и на државите, кои се означуваат само со нивните знамиња.

Click