Среда, 27 август 2013 година
Тројца кандидати за наградата „Вацлав Хавел“
Алеш Бјаљацки од Белорусија, Грузиското здружение на млади правници и Мрежата за одбрана на правата од Кина, се кандидати за наградата за човекови права „Вацлав Хавел“, која ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа, во соработка со Библиотеката „Вацлав Хавел“ и Фондацијата „Повелба 77“.
Жирито, составено од шест независни личности, со кое претседава претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Жан-Клод Мињон, во Прага го направи потесниот избор од 27-те кандидатури.
Добитникот на наградата ќе биде официјално објавен на 30 септември, во рамките на првиот ден од есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Наградата „Вацлав Хавел“ од годинава ќе се доделува како замена за наградата за човекови права на ПССЕ, формирана 2007 година, на поединец, невладина организација или институција за бранење на човековите права во Европа и пошироко, во вредност од 60.000 евра, статуетка и диплома.
Таа е во чест на Вацлав Хавел, чешки драматург, есеист, дисидент и политичар, противник на тоталитаризмот, последен претседател на Чехословачка и прв претседател на Чешката Република, кој почина во 2011 година.