Активности



Понеделник, 2 декември 2013 година

Триесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Триесет и деветтата седница, одржана на 29 ноември 2013 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај;
  2. Предлогот на закон за вонсудско спогодување;
  3. Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година;
  4. Предлогот на Одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето  на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година.

Потребата од донесување на Предлогот на закон за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај и Предлогот на закон за вонсудско спогодување, ја образложи г. Анче Трифунов, државен секретар во министерството за економија.

Основната причина за донесување на Предлогот на закон за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај е дека во Република Македонија постојат повеќе стечајни постапки коишто се водат согласно неколку Закони за стечај и тоа од 1989 година, 1997 година, како и Законот од 2006 година коишто имаат проблем во нивното спроведување и постои правна невозможност истите да бидат заклучени.

Од тие причини, Владата на Република Македонија пред две години формира посебно тело, Комитет за забрзување на стечајните постапки, каде што се вклучени сите идентификувани засегнати страни во овие стечајни постапки. Со одредбите од Предлог-законот се определува постапка и начин на утврдување на правен статус и начин на впаричување на имотот на стечајниот должник за кои во законите од 1989 година и 1997 година не постоеја одредби со кои би се регулирала оваа најважна фаза од стечајната постапка.

Со утврдување на правниот статус на бесправните објекти ќе се создадат предуслови за побрза постапка за впаричување на имотот на стечајниот должник и со тоа побрзо заклучување на стечајните постапки. Истовремено, со утврдување на правниот статус на објектите во стечајната постапка ќе се постигне зголемување на стечајната маса и зголемување на процентот на намирување на доверителите.

Со донесување на ова законско решение ќе се заклучат стечајни постапки кои траат подолго време поради неможност за продажба на имот со неутврден правен статус. Ќе се зголеми процентот на намирување на доверителите со оглед дека во моментов објектите со неутврден статус се продаваат како градежен материјал што е неповолно за сите доверители особено за државните органи и институции.

Со продажба на правото на градба ќе се завршат објекти кои се во разни фази на градба но не се изградени поради стечај на инвеститорот и со тоа ќе се овозможи инвестирање во градежни објекти и зголемување на бројот на изградени станови кои повеќе години стојат  како недовршени и необезбедени објекти и претставуваат опасност за минувачите.

По Предлогот на законот за вонсудско спогодување, г. Трифунов образложи дека со предложениот закон се овозможува на должникот  да спречи отворање на стечајна постапка, на тој начин што доверителите доброволно гласаат за прифаќање на изготвениот план за финансиско реструктуирање на должникот и негово враќање во нормална состојба, т.е. состојба на ликвидност и солвентност.

Предложениот закон се заснова на начелото на доброволност, на еднаков третман на доверителите, начело на постапување со добра волја и слично. Со законот се воведува обврска на должникот да поднесе предлог за отворање на постапка за вонсудско спогодување, освен за економските оператори кои немаат вработени или имотот е со незначителна вредност.

Со донесувањето на Законот за вонсудско спогодување ќе се намали бројот на отворени стечајни постапки, бидејќи се очекува еден дел од должниците кои ќе западнат во состојба на неликвидност и инсолвентност ќе бидат решени, односно доведени во состојба на ликвидност и солвентност,  во постапката за вонсудско спогодување.

Овој Закон се очекува да даде позитивен импулс во работењето на трговските друштва и соодветен придонес и во зголемување на стапката на вработеност на тој начин што ќе спречува ликвидација на фирмите со отворање на стечајна постапка.

Комисијата за економски прашања, едногласно заклучи дека Предлогот на закон за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај и Предлогот на закон за вонсудско спогодување, во прво читање, се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Во својство на претставник на предлагачот на седницата на Комисијата присуствуваше г. Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, кој даде образложение на Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година.

Беше истакнато дека Предлог-финансискиот план треба да ги опфати сите трошоци, односно расходи на Комисијата, вклучително платите на членовите и на вработените и платите на второстепената Комисија, како и сите приходи предвидени за следната година на Регулаторната комисија за енергетика.

Притоа, се предлага планираниот приход на Регулаторната комисија за енергетика за 2014 година да се оствари со наплата на надоместок пресметан со процент на зафаќање во висина од 0,043% од вкупниот приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и истиот е понизок од 0,1% од вкупниот приход на друштвата утврден со член 34 став 3 од Закон за енергетика.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови го усвои следниов Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот план за 2014 година на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
  2. Овој заклучок заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

Изнесените мислења, сугестии, забелешки и поставени прашања содржани во Извештајот по Предлог на финансискиот план на Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година се однесуваат и за Предлогот на Одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето  на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година, за кој поради поврзаноста на предложените решенија на седницата на Комисијата се водеше заеднички претрес.

Претседaтелот на Регулаторната комисија за енергетика во своето образложение по Предлогот на Одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето  на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година, предложи износот на утврдениот процент на зафаќање да изнесува 0,043%.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и да ја донесе Предлог-одлуката.

 

Click