Активности



Четврток, 12 декември 2013 година

Четириесет и четврта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 44. седница, одржана вчера, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за квалитет и безбедност на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата (прво читање);
  2. Предлогот на закон за дополнување на Законот за идентификација и регистрација на животните (прво читање);
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна (второ читање);
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за ловството (второ читање);
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија (второ читање);
  6. Предлогот на закон за консолидација на земјоделско земјиште (второ читање).

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Зоран Коњановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

По Предлогот на законот за квалитет и безбедност на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата и Предлогот на законот за дополнување на Законот за идентификација и регистрација на животните, г. Коњановски ја нагласи потребата за донесување, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.

По двата Предлог-закони, Комисијата едногласно усвои ист Заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлог-законите од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, оцени дека се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство како матично работно тело и Законодавно-правната комисија, ги разгледаа Предлогот на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за безбедност на храната и Предлогот на закон за консолидација на земјоделско земјиште, и водеа претрес по амандманите поднесени од овластените предлагачи.

Во Дополнетиот предлог на закон  за семенски и саден материјал за земјоделски растенија се вградени два амандмани, а во Дополнетиот предлог на закон за консолидација на земјоделско земјиште еден амандман, сите поднесени од пратеникот Малиша Станковиќ.

Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на законот за безбедност на храната е вграден амандманот поднесен од пратениците Панче Дамески, Малиша Станковиќ, Драган Цуклев, Ромео Тренов, Васко Пашовски, Бети Кузмановска и Реџаиљ Исмаили.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Ленче Николовска, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за ловството, не се поднесени амандмани. Без дискусија, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click