Активности



Среда, 11 декември 2013 година

Седумдесет и четврта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 74. седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини (прво читање);
  2. Предлог-измената на Водостопанската основа на Република Македонија од 1968 за акумулацијата Бучин;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина (второ читање);
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта, (второ читање);
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (второ читање);
  6. Предлог-законот за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија (прво читање).

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање, како и неговиот заменик, г. Џелал Бајрами.

- По Предлогот на законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, г. Адеми ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Комисијата за транспорт, врски и екологија, едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа Предлогот на законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини (прво читање), од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Министерот Адеми ја нагласи потребата за донесување Предлог-измена на Водостопанската oснова на Република Македонија од 1968 за акумулацијата Бучин.

Комисијата ја проследи Предлог-измената на натамошна постапка во Собранието.

- Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина, претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, г. Реџаиљ Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, се поднесени  два амандмани од пратениците: Јани Макрадули, Борче Ставров, Благоја Стојановски, Саве Марачков, Тања Томиќ, Панче Орцев и Ленче Николовска.

Едниот амандман со 4 гласа „за“ и 6 „против“ не беше усвоен, а другиот беше повлечен од предлагачите.

По расправата, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени  амандмани и Комисијата ги проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Заменик-министерот Бајрами ја нагласи потребата за донесување на Предлогот на законот за допонување на Законот на продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Без дискусија, Комисијата со 6 гласа „за“ го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа Предлогот на законот за дополнување на Законот на продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија(прво читање) од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлогот на законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click