Активности



Четврток, 14 ноември 2013 година

Јавна расправа на тема: „Како до подобра грижа и третман за лицата што живеат со ХИВ во Република Македонијa”

Комисијата за здравство, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на Собранието на Република Македонија и Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ во соработка со Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А., работната група на лица што живеат со ХИВ Заедно посилни и Националниот демократски институт одржaа јавна расправа  на тема: „Како до подобра грижа и третман за лицата што живеат со ХИВ во Република Македонијa”.

Покрај членовите и замениците-членови на комисиите на јавната расправа  присуствуваа членовите на Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ во Република Македонија, претставник на Министерството за здравство,  претставници на Националниот координативен механизам за ХИВ и туберкулоза, Националната комисија за ХИВ/СИДА на Република Македонија, УНДП, СЗО, УНИЦЕФ, како и претставници на здруженија на граѓани чие поле на работа се програмите и политиките за ХИВ.

На расправата со поздравни обраќања се обратија: г. Менде Диневски, претседател на Комисијата за здравство, г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и г-ѓа Тања Томиќ, потпретседател на Комисијата за здравство и претседавач на Меѓупартиската парламентарната група за ХИВ во Република Македонија, по што следеа излагањата на: г. Андреј Сених од работната група на лица што живеат со ХИВ - Заедно посилни, г. Александар Арников од Министерството за здравство, проф. д-р Звонко Миленковиќ, национален координатор за ХИВ во Република Македонија, д-р Јованка Костовска, претставник од Министерството за здравство, д-р Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ во Република Македонија и г. Бојан Јовановски, извршен директор на Здружението Х.Е.Р.А.

По исцрпна дискусија за состојбите и проблемите на граѓаните со ХИВ-инфекција во која учествуваа членовите на комисиите, пратениците, претставниците на институциите, меѓународните организации и невладиниот сектор, беше предложено спроведување на следниве заклучоци:

  1. Можеме да констатираме дека по речиси една година од јавната расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Комисијата за здравство има видлив напредок во насока на заклучоците од јавната расправа одржана на 13.12.2012 година.
  2. Препорачуваме до Министерството за здравство и националната комисија за ХИВ/СИДА при планирањето на Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА да предвидат доволно средства за обезбедување антиретровирусна терапија и тестови за следење на инфекцијата, вклучувајќи и лекови за трета линија на терапија, како и форми соодветни за лекување на ХИВ кај деца, врз основа на искуството од спроведената јавна набавка, предвидените трошоци за оние лекови кои не биле набавени оваа година, како и предвиденото зголемување на бројот на пациенти што треба да почнат со терапија.
  3. Сугерираме на Владата на Република Македонија да продолжи тенденцијата на зголемување на средствата за третман и превенција на ХИВ и СИДА, имајќи предвид дека по 2016 година Република Македонија нема да има право на донации од Глобалниот фонд.
  4. Предлагаме да се посвети повеќе внимание на доброто планирање на потребите и да се подобри системот за следење на резервите на лекови, со цел навреме да се спречи јавување на недостатоци и можен прекин во континуираната терапија.
  5. Предлагаме Владата, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да ја разгледаат можноста за решавање на прашањето на третманот на ХИВ-инфекцијата со ставање на лековите на позитивна листа.
  6. Очекуваме сите надлежни институции и НВО-и што работат на ова поле да ги продолжат и интензивираат активностите за превенција и рано откривање на ХИВ/СИДА, како и за отстранување на предрасудите и стигмата што ги следи.
  7. Овие заклучоци да се достават до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Македонја, Владата на Република Македонија, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А, Групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ - „Заедно посилни"  и Националниот демократски институт.
Click