Активности



Четврток, 21 ноември 2013 година

Македонија е добар пример за почитување на малцинските права

Барањето азил во Германија и правата на малцинствата во Македонија, беа во фокусот на средбата меѓу Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија и Делегацијата на Комисијата за внатрешни работи на Саксонското покраинско собрание.

На почетокот од средбата, г. Антонио Милошоски, заблагодарувајќи се за вниманието кое Германија го посветува на овој регион и посебно на Република Македонија, истакна дека двете земји традиционално негуваат пријателски односи. Во воведниот говор, тој се фокусираше на две точки: надворешно-политичките приоритети на Република Македонија и внатрешната политичка ситуација во земјата. Притоа, г. Милошоски истакна дека нашата земја е насочена кон ЕУ и НАТО, но се соочува со непринципиелен проблем за нашето уставно име со Република Грција, која ги блокира евроинтеграциите на земјата.

Во однос на малцинските права, г. Милошоски потенцира дека Македонија може да се нарече земја со најдобро досие, спомнувајќи го правото на образование на мајчин јазик, вклученоста во политичкиот живот, во сите власти, во функционирањето на сите сфери во државата. За разлика од ова, тој изрази незадоволство од третманот на македонското малцинство во некои од соседните земји.

Како причина за посетата, гостите го наведоа проблемот со големиот број азиланти во својата земја, посебно во однос на Ромите, со оглед на тоа што во последната година имало наплив на азиланти од Балканот. Од таа причина, Делегацијата е во посета на овој регион, со цел да се запознае со проблемите со кои се соочува ромското население и поради кои ја напушта својата земја и бара азил во друга. Притоа, беше изразено мислење дека треба повеќе да се инвестира во нивното егзистирање и едуцирање. 

Пратеникот Лилјана Поповска ја запозна Делегацијата со комплетната ситуација на Ромите во нашата земја, при што укажа дека Македонија е убав пример за почитување на ромските права и вклученост во политичкиот живот. Таа додаде дека нашата земја е дел од Декадата на Ромите и дека Владата презема низа мерки за вработување на Ромите во јавниот и приватниот сектор и посебни програми за подобрување на нивното образование.

Кон крајот на 2010 година, кога Македонија доби визна либерализација, имало случаи на барање азил, за што, како што истакна г. Антонио Милошоски, одговорноста е заедничка, меѓутоа сега ситуацијата е поинаква, а Германија и Македонија имаат одлична соработка на ова поле.

Click