Активности



Понеделник, 25 ноември 2013 година

Меѓупарламентарната соработка треба да биде витален дел  во евроинтегративниот процес

Во Собранието на Република Македонија, денеска се одржа Осмата конференција на парламентарни Комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа - КОСАП.

Конференцијата свечено ја отвори г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија.

Тој истакна дека одржувањето на Конференцијата е јасен доказ дека  меѓупарламентарната соработка на земјите од регионот оди по нагорна линија, со што практично се реализираат препораките на Солунската агенда. Одржувањето на КОСАП претставува уште една можност да се упати јасна порака до Унијата дека процесот на нашата иднина е во европското семејство, каде што и географски припаѓаме отсекогаш

„Меѓупарламентарната соработка треба да биде витален дел  во евроинтегративниот процес и вклученоста на националните парламенти претставува израз на демократијата и владеењето на правото. Тука од особено значење е зајакнувањето на контактите на националните парламенти со граѓанското општество, научните работници, невладините организации, како и со граѓаните кои треба да го поддржат овој процес“, истакна г. Мисини.

Поздравен говор на Конференцијата имаше и г-ѓа Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Република Македонија.

„Еден од принципите за полноправно членство во Европската унија е регионалната соработка. Според мене, денешниот состанок на  парламентарните Комисии за европски прашања е токму во таа насока и лично сум убедена дека со денешнава сесија и заклучоците кои ќе ги усвоите, ќе се даде значаен придонес за натамошен развој на соработката во регионот и неговата стабилност и европска иднина“, истакна потпретседателот Јакимовска.

Во текот на денот, додека траеше Конференцијата, се водеше расправа по четири теми:

  1. Улогата на националните парламенти и на парламентарните комисии за европски прашања за подобро искористување на Инструментот за претпристапна помош - ИПА 2 (2014-2020);
  2. Визната либерализација;
  3. Функционирањето на  Централноевропскиот договор за слободна трговија - ЦЕФТА, искуства и предизвици;
  4. Како поблизу до ЕУ?

На крајот од Конференцијата, беше усвоена Завршна изјава.

Click