Активности

Вторник, 26 ноември 2013 година, Брисел

Собраниска делегација на парламентарен семинар за влијанието на глобалната економска криза

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Владанка Авировиќ, претседател на Комисијата за економски прашања и членовите на Комисијата: г. Николче Ацевски, г. Драган Цуклев и г-ѓа Јулиета Марку, учествува на парламентарен семинар во Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија, на тема: „Економската криза и влијанието на политиките на Европската унија врз земјите во процесот на проширување"

Настанот е во организација на Директоратот за надворешни политики, односно Одделението за односи со парламентите на земјите од Западен Балкан.

Семинарот го отвори г. Марино Балдини, член на Комисијата за економски и монетарни прашања. Во своето излагање тој го истакна значењето на процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан кон Европската унија, подобрувањето на комуникациите и соработката на земјите од Југоисточна Европа, користење на искуствата на земјите од регионот кои неодамна се приклучија кон ЕУ во користење на претпристапните фондови. Беше изнесено дека фондовите може да помогнат во подобрување на економската состојба на овие земји.

Господин Марцин Загола од Европската комисија се осврна на европското економско владеење. Тој истакна дека економската криза беше предупредување за земјите за економските политики кои тие ги водат.

Кризата придонесе да се воведат правила кои ќе го регулираат и намалат долгот и дефицитот. За оние земји кои не ги применуваа правилата беа воведувани мерки за финансиска дисциплина и беа принудени да плаќаат финансиски казни. Бил воведен превентивен столб кој претставува елемент кој ја дефинира фискалната политика и содржи правила за помош на земјите да не надминат дефицит од 3%.

Втора мерка која се вовела била јакнењето на долгорочниот економски раст. Воведен е институт кој е составен од национални супервизори со мандат за супервизија на одредени сегменти на финансиските пазари.

Свое излагање имаше и г. Петар Полајнар од Европската комисија. Тој информираше за исполнување на критериумите за влез во ЕУ од страна на земјите од Западен Балкан и за влијанието на глобалната криза врз нивните економии. Кризата ги намали високите стапки од над 5% кои се остваруваа пред нејзиното започнување. Од земјите беше побарано  да подготват сеопфатна структурна програма.

Во делот на јавното финансиско управување, беше истакната потребата од поголема транспарентност на буџетите и попредвидливи долгорочни фискални политики. Креирана е регионална стратегија од земјите од Западен Балкан 2020 за зголемување на конкурентноста на нивните економии.

Исто така, се нагласи и важноста од поголема посветеност во спроведувањето економски реформи и зајакнување на улогата на националните парламенти.
Click