Соопштенија

Петок, 22 ноември 2013 година

Собраниска делегација на парламентарен семинар во Брисел
 
Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Владанка Авировиќ, претседател на Комисијата за економски прашања и членовите на Комисијата: г. Николче Ацевски, г. Драган Цуклев и г-ѓа Јулиета Марку, на 25 и 26 ноември 2013 година ќе учествува на парламентарен семинар во Брисел, Кралството Белгија.

Семинарот е во организација на Директоратот за надворешни политики, односно Одделението за односи со парламентите на земјите од Западен Балкан, и ќе се одржи во Европскиот парламент во Брисел, а ќе биде на тема: „Економската криза и влијанието на политиките на Европската унија врз земјите во процесот на проширување".

На семинарот, кој ќе се одвива во две работни сесии, учество ќе земат еминентни европарламентарци кои работат во Комисијата на Европскиот парламент за економски и монетарни работи, како и претставници од парламентите на земјите од Западен Балкан.

Семинарот има за цел да поттикне поширока дебата меѓу европарламентарците и парламентарците од националните парламенти за овие прашања.

Се очекува висок степен на учество на парламентарци од поканетите национални парламенти, како и обраќања од реномирани европарламентарци, експерти и други афирмирани учесници кои имаат особен придонес во оваа област.

 

 

Click