Соопштенија



Вторник, 26 ноември 2013 година

Пратеничките Сузана Салиу и Цветанка Иванова на Самит на жените парламентарки во Брисел

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Сузана Салиу и пратеничката Цветанка Иванова ќе учествуваат во Годишниот Самит „Жените во парламенти - Глобален форум“ што ќе се одржи во Европскиот парламент, Брисел, од 27-29 ноември 2013 година.

На овој самит, каде што ќе учествуваат жени парламентарки од целиот свет, учесничките ќе имаат можност да расправаат за многу значајни теми кои се однесуваат на заедничките перспективи, како и да бидат дел од политичкиот дијалог кој што ќе ја одразува улогата на жената во политиката во современиот свет.

Овој независен и меѓународен форум во континуитет се залага за унапредување на општеството, градејќи мрежа, односно цврста врска меѓу жените парламентарки.

Говорници и панелисти ќе бидат разни нобелисти, претседатели на влади, претседатели на собранија, претседатели на држави, еврокомесари, министри, академци, како и претставници, односно високи профили на граѓанското општество и филантропи.

Учеството на овој самит ја имаат потврдено жени парламентарки од над 100 светски држави, меѓу кои се и парламентарките од Албанија, Босна, Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска и др.

Самитот ќе го прогласи за отворен претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц.

Пратеничките од Македонија, г-ѓа Сузана Салиу и г-ѓа Цветанка Иванова ќе земат активно учество и во работната група „Да работиме заедно во борба против корупцијата“, во организација на Transparency International. 
 
Духот на жена парлементарка го унапредува општеството.

Click