ЕУ вести

Петок, 16 септември 2016 година

ЕУ Самит во Братислава 

Шефовите на државите или владите на 27-те земји членки на Европската Унија денеска ќе се состанат во Братислава, каде ќе ги разменат своите ставови за понатамошниот развој на ЕУ по „Брегзит“.

Во пресрет на овој Самит, претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, преку писмо им се обрати на своите колеги, означувајќи го излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија како историски момент, кој бара потврда на смислата на европската заедница пред нејзината јубилејна 60-годишнина.

Покрај „Брегзит“, тој се фокусира на трите главни предизвици со кои треба да се соочи ЕУ: неконтролираната нелегална миграција, тероризмот и стравовите од глобализацијата. 

Братислава ќе мора да биде пресвртна точка во однос на заштитата на надворешните граници на Унијата за да не се повтори хаосот од 2015 година кога стотици илјади луѓе се движеа низ континентот без никаква контрола, што создаде чувство на опасност кај многу Европејци. Затоа ја потенцира потребата од целосна соработување на сите влади и европските институции. 

Истото важи и за борбата против тероризмот, што бара поблиска соработка на полициските сили, размена на информации и операции, база на податоци, отстранување на содржини на интернет кои поттикнуваат омраза и го промовираат тероризмот, како и борба против радикализацијата во секоја земја, сè со цел да се врати чувството на сигурност на Европејците. 

„Свесен сум дека иднината на Европа нема да зависи само од тоа како ќе се справи со миграцијата, тероризмот  и стравувањата поврзани со глобализацијата. Враќањето на чувството на безбедност и ред, довербата на граѓаните на ЕУ во своето политичко водство, како и обновата на угледот на Унијата, како синоним за заштита и стабилност, сите се од суштинско значење и неопходни, но тие не се доволни. Затоа, Братислава, исто така, треба да обезбеди патоказ за други подеднакво важни потфати, како што се економскиот и социјалниот развој, работните места и можностите за младите, единствениот пазар, дигиталната агенда и инвестициите“ – заклучува во писмото првиот човек на Европскиот совет. 

Click