Собраниско раководство

Петок, 30 септември 2016 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на отворањето на Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Почитувана госпоѓа претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ,
Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции членови на Дипломатскиот кор,
Дами и господа,
Драги пријатели, 

Ми претставува големо задоволство денес да ви посакам добредојде во Скопје, главниот град на Република Македонија. Од донесувањето на одлуката за формирање, па до денешната есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, изминати се дваесет и пет години. Период во кој Собранието на ОБСЕ со својата работа и ангажман се покажа како еден од основните столбови и значаен инструмент во остварувањето на темелните принципи врз кои е формиран ОБСЕ. Во овие 25 години Парламентарното собрание го потврди значењето на парламентарната дипломатија во зачувувањето на мирот, стабилноста и соработката помеѓу 57 држави членки.

Република Македонија е полноправна членка на ОБСЕ, а со тоа и на Парламентарното собрание. Активно и конструктивно учествуваме во неговата работа, пред сè во креирање на ставови и носењето на најразлични одлуки и документи. 

Дами и господа,

Република Македонија добро ја познава и верувам ја цени позитивната улога и големиот придонес кој ОБСЕ, преку сите негови организациски форми и тела, досега ги има постигнато. Не би сакал да потсетувам што се случуваше пред 25 години во регионот и оттаму сите во регионот научивме дека само преку дијалог и градење на доверба, само преку почитување на човековите права и слободи, како и остварување на принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото можеме да обезбедиме стабилност во нашите држави. На овој начин најдобро се придонесува за стабилноста во регионот и во исто време тоа е темелот врз кој ја развиваме билатералната и мултилатералната соработка.

Република Македонија токму поради непочитувањето на некои од принципите на ОБСЕ, но и на други меѓународни институции, непринципиелноста ја има осетено на свој грб како голема неправда. Дури поради непочитување  на темелните принципи на меѓународното право бевме на своевиден начин блокирани во остварувањето нашата определба за членство во НАТО, иако ги исполнивме сите услови. Истото се случува и со започнувањето на преговорите со Европската Унија. Сепак, искрено верувам дека сега навистина скромно започнува процес на дијалог, а со тоа и на градење на доверба со што би се надминал овој проблем кој 25 години го имаме со нашиот јужен сосед. Во исто време, сакам посебно да истакнам дека во однос на парламентарната соработка, како во регионот, така и пошироко, секогаш ставаме акцент на зачувување на мирот и надминување на сите оние предизвици кои можат да ја загрозат стабилноста во регионот.

Како и на изминатите сесии на Парламентарното собрание на ОБСЕ, така и на оваа која денеска започнува, темите на расправа се актуелните состојби. „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро управување во регионот на ОБСЕ“ е тема која нè засега сите нас и како држави и како регион, а во исто време уште еднаш ја покажува и јакне улогата на Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Посебно би сакал да истакнам дека на оваа сесија ќе се разговара и за Мигрантската криза. Криза која за жал и понатаму останува многу сериозен предизвик не само за регионот, туку и за Европа. Република Македонија не е крајната дестинација на овие луѓе, но е дел од таканаречената балканска рута, која започнува во Република Турција, а завршува во државите од Западна Европа. Откако започна оваа бегалска криза, Република Македонија, вложувајки максимални напори, како во средства, така и во човечки ресурси, успеа на овие несреќни луѓе да им обезбеди услови за безбеден транзит низ нашата држава. Станува збор за повеќе од 900 илјади бегалци. При тоа незаборавајќи на хуманитарната помош од лекарска нега и се друго што е потребно за да се обезбедат минимално хумани и достоинствени услови кои ги заслужува секој човек.

Се надевам дека вашата расправа и заклучоци на оваа тема ќе бидат чекор напред во ефективното справување со бегалската криза која како што напоменав не е прашање само на Република Турција, Република Грција или Република Македонија, туку пред сè е европско прашање. Исто така, треба да кажеме отворено дека оваа бегалска криза за државите низ кои бегалците транзитираат, а посебно за државите кои се нивна крајна дестинација, отвора голем број прашања и дилеми од економски, културен, демографски и безбедносен карактер. Во исто време, некои настани во кризните региони од каде што доаѓаат бегалците, покажуваат дека бегалската криза нема брзо да заврши. Затоа ни се потребни единствени ставови и заклучоци кои заедно и одговорно ќе ги спроведуваме и остваруваме.

Дами и господа,
драги пријатели,

Дозволете ми на крајот да ви посакам успешна работа. Се надевам дека овој работен и краток престој во Скопје и Република Македонија ќе ви помине во една пријатна атмосфера и ќе видите барем мал дел од она што е најкактеристично за нашата држава и нашите граѓани, а тоа е пред сè искреноста и почитта кон секој наш гостин.

Ви благодарам на вниманието.

Дозволете ми на крајот да ви посакам успешна работа. Се надевам дека овој работен и краток престој во Скопје и Република Македонија ќе ви помине во една пријатна атмосфера и ќе видите барем мал дел од она што е најкактеристично за нашата држава и нашите граѓани, а тоа е пред сè искреноста и почитта кон секој наш гостин.

Ви благодарам на вниманието.

Click