Собраниско раководство

Понеделник, 10 октомври 2016 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Свечената академија по повод 11 Октомври

Почитувани присутни,
Драги пријатели,
Дами и господа,

Чествувајќи го денешниот ден, како празник на нашата нација и држава, го одбележуваме делото на македонските партизани!

Славејќи ја нивната пожртвуваност за слободна и независна Македонија, уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ има сила да чекори напред!

Ваквиот цврст став на нашите борци е клучот за опстанокот и надминувањето на сите обиди за згаснување на македонскиот национален идентитет.

Херојската и беспоштедна борба за основни права и светла иднина не познава никакви граници.

Силно верувајќи во секој збор од искажаните реченици, во оваа прилика чувствувам силна потреба да им се обратам на сите учесници во Народно-ослободителната борба на Македонија.

Почитувани борци,

Бидете сигурни дека Mакедонија се поклонува на вашето дело!

Вашата жртва е вечно врежана во историјата на Mакедонија.

Вашата посветеност е пример од кој треба да се водиме во новите битки за доброто на нашата Tатковина.

Бидете горди на секој ваш ангажман за слободата на нашата Татковина затоа што вие ја имавте честа да ја браните и да ја одбраните Mакедонија.

Драги пријатели,

11 октомври е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Mакедонија на патот кон слободата.

Овој ден го означува почетокот на конечната борба за демократска Mакедонија.

Партизаните верувајќи во своите цели, подеднакво посветено ја ширеја и штитеја идејата за слободна и независна Mакедонија.

Слободата на Македонија за нив претставувала и сеуште претставува света мисија достојна за најголема жртва.

Заложбите и посветеноста на оваа идеја најдобро се гледаат преку нивните бројни дела.

Заветот, да не се запре додека секој македонски град и секое македонско село не биде ослободено од злонамерниците и душманите на нашиот народ, е најголем доказ за љубовта кон татковината!

Само синовите и ќерките на Македонија можат да истраат тогаш кога е тешко!

Само тие можат да дадат се од себе бидејќи станува збор за нивните домови и семејства, за нивната земја!

Во време кога човечкиот род како никогаш до тогаш се дели по етнички и верски линии, членовите на партизанското движење војуваат за права и слободи на сите братски народи.

Ваквиот однос кон различните од нив е сржта на македонскиот дух и денес.

Нашиот народ е добро познат по подавањето рака на оние на кои таа им е потребна, нешто што е запишано и во историјата.

Да се биде праведен е една од најголемите доблести на човечкиот род!

Злото и омразата никогаш не донеле добро на оној чие срце е исполнето со нив.

Тие претставуваат тег кој не и дава на душата да биде слободна.

Без оглед на потешкотиите со кои човек се соочува во животот, никогаш не смее да се заборави дека ничија среќа не смее да биде изградена на сметка на среќата на некој друг.

Таквиот принцип е огледало на вредностите за кои се залагаат и партизаните.

Еднаквост на народите!

Исти права и слободи за сите луѓе!

Подеднаков третман на сите без оглед на нивната етничка припадност или вера!

Драги пријатели,

АСНОМ беше врвот на Народно-ослободителната борба.

Неговиот најцврст темел беше токму 11 октомври.

Овој ден ја означи зората на македонската борба.

На овој ден најсилно беа потврдени принципите по кои истата се водеше.

Да не се нанесе штета на невините!

Да се овозможи нормален живот за сите кои сакаат да живеат братски на оваа земја!

Сигурност и безбедност од угнетување, тортури и заплашување!

Во модерна Македонија совршено јасно се отсликуваат вредностите кои ги имаат втемелено партизаните.

Денес ние живееме токму по начинот кој тие го пропагирале.

Македонскиот народ живее во мир со сите народи кои ги почитуваат принципите на братство, еднаквост и солидарност.

Взаемната почит е темел за добри односи и добар соживот.

Тоа се вредности кои ние никогаш нема да ги напуштиме и кои се длабоко вткаени во нашата историја.

Верувам дека партизаните и денес со гордост се сеќаваат на  големиот успех на тој 11 Октомври.

Дами и господа,

За прв пат во поновата историја, Македонците имаат своја држава и своите намери најјасно ги истакнуваат преку желбата за мир и изземањето од сите воени дејствија кои ја опустошуваа до тогаш заедничката држава.

Ваквата определба на нашиот народ е доволен доказ за мирољубивоста на Македонија.

Ние знаеме дека цивилизираните и просветлени нации секогаш разликите ги решаваат на маса, а не на бојното поле.

Ваквата посветеност на мирот, која е одлика на целата наша нација, Македонија ја искажува и денес преку својата инволвираност во светската борба за еднакви права и слободи за сите народи.

Македонија дејствувајќи врз база на своите принципи и водејќи се од идеологијата на партизаните секогаш ќе биде на страната на правдата и слободата.

Ние веруваме во еднаквост и слобода на секое човечко суштество.

Тие наши идеали се поклопуваат со оние на НАТО-алијансата, што е и главната причина за успешното пријателство и сојузништво со земјите членки на оваа организација.

Ние секогаш ќе се придржуваме до овие принципи иако не секогаш со исто ни е возвратено.

Истото се однесува и на нашиот однос кон Европската унија.

Тој идеал за еднаквост и здружување на европските народи, наспроти крвавата вековна историја на овој стар континент, мора да опстои и да ги надмине сите потешкотии со кои се соочува.

Ништо на овој свет не е совршено, ниту пак нешто е лесно. Меѓутоа, со истрајност, принципиелност и солидарност, верувам дека овој благороден проект кој стави крај на вековни судири и бескрајно крвопролевање не само што може туку и мора да биде успешен.

Потребно е многу да се работи на негово усовршување и демократизирање, но верувам во добрите намери зад идејата наречена Европска Унија.

Република Македонија како и во минатото, така и во иднина ќе остане посветена на евро-интегративните процеси.

Македонија искрено и посветено работи на остварување на оваа благородна идеја!

Реформите и модернизацијата немаат алтернатива!

Мораме да продолжиме да се залагаме со сета сила и знаење.

Мораме да дадеме сé од себе!

Драги пријатели,

Саможртвата на партизаните е нашата водилка и при соочувањето со предизвиците на денешнината.

Цената која беше платена да се извојува слободата е преголема.

Извојуваната државност мораме да ја сочуваме!

Вкупните прилики во Македонија мораме уште повеќе да ги унапредуваме.

Меѓутоа, како што споменав, сé е потешко доколку отсуствува единството!

А, денес, таквото единство како да изгледа дека е најтешко остварливо.

Длабоко вгнездени во сопствените табори, како да се заборава дека сите политички партии, во основа, имаат иста, благородна цел.

Сепак, независно од ваквата, тажна состојба која трае, оптимист сум дека на крајот целата држава ќе излезе побогата за едно искуство, но и поединствена и посложна.

Секоја цел е подалечна доколку не сме обединети!

Затоа, како претседател на македонскиот законодавен дом, уште еднаш сосема искрено сакам да повикам на унапредување на единството помеѓу партиите.

Мораме да ги надминуваме нашите разлики.

Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе македонија!

Да си подадеме рака на овој голем ден!

Да почнеме уште повеќе и уште поотворено да соработуваме за прашањата што се од наш заеднички интерес.

Да и’ погледнеме во очи на реалноста и да го осигураме уште повеќе развојот и демократската иднина на Македонија.

Идеите на партизанското движење и на АСНОМ и денес се еднакво силни како и тогаш кога биле обнародени.

Нашите политички разлики не смеат да ја загрозуваат Македонија.

Не смееме да говориме за „наши“ и за „ваши“ кога станува збор за Македонија!

Македонија е нашата единствена партија и единствена програмска платформа!

Да застанеме конечно сите под знамето на слободата!

Да застанеме сите зад иднината на Македонија и да работиме сложно како што се бореа и комитите и партизаните!

Како што се бореа и припадниците на македонската левица и припадниците на македонската десница.

Да не дозволиме нашите партикуларни интереси да ги загрозат интересите на Македонија.

Мораме да бидеме уште посплотени!

Мораме да бидеме уште поодговорни кога станува збор за интересите на државата.

Дами и господа,

Нашите национални водачи ни оставиле аманет дека на патот до националната цел мораме да продолжиме со градење на мостови на соработка.

Мораме да си простиме и да се здружиме за доброто на Македонија.

Собранието било и ќе биде арена во која ќе разменуваме идеи во духот на конструктивноста и демократичноста.

Собранието останува да биде институцијата во која доминираат заедничките вредности.

Под еден кров и во иднина треба да продолжиме да се бориме сите за една света цел која произлегува од четирите свети букви на ВМРО.

И власта!

И опозицијата!

И Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите и сите други.

Во остварувањето на таа цел непријатели ни се единствено оние што не и мислат добро на Македонија.

Меѓутоа, нас, независно од нашите политички разлики, верувам дека нé обединува љубовта кон Македонија!

Онаа исконска и искрена љубов која со себе во најчистата форма ја носи овој ден посветен на македонските партизани.

Драги пријатели,

Претпоставка за секој развој е слободата.

Доколку големата цел на партизаните беше независна Македонија, денес големата цел на оваа генерација политичари е економски развиена Македонија.

Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик.

Унапредувањето на економијата и на животниот стандард мора во целост да се обезбеди.

Досегашните успеси во осовременувањето на животот на македонскиот граѓанин, треба да бидат само дополнителен поттик за нови дела.

Мораме да градиме уште повеќе нови училишта.

Мораме да инвестираме уште повеќе во здравството.

Мораме да продолжиме да го поддржуваме македонскиот земјоделец.

Мора да продолжиме да се грижиме за македонските пензионери.

Мораме тоа да го направиме како политичари бидејќи тоа се најголемите очекувања од граѓаните.

Десегашните успеси се најголемата потврда дека дури и најголемите препреки можат да се премостат.

Заеднички да го прославиме 11 Октомври.

Тоа е ден за сите нас.

Ова е денот на помирувањето и на единството.

Ова е денот за сите кои и мислат добро на Македонија.

Ја создадовме нашата независна Македонија и таа е посилна од кога и да е!

Сите НИЕ денес стоиме тука како граѓани на демократска Македонија.

Ние сме луѓе со свој идентитет кој е непогрешливо различен од оние на останатите балкански народи.

Имаме наша култура која говори за вековното постоење на еден голем и славен народ.

Нашиот народ има свои народни песни во кои се опеани маките, но и убавините на оваа наша земја.

Само оној кој тука се чувствува како дома, може со толкав жар и љубов да пее за Македонија.

Кога на ближниот ваш, или на земјата наша ќе и треба помош и поддршка, сетете се на овие жртви во времиња далеку потешки од денешниве.

Нека овие примери ве водат низ животот и нека ве изведат на патот кон добрината и правичноста.

Сетете се на сите оние кои не прашувале за цена, за ризик или за смрт.

Луѓето од секојдневието, како и сите нас, кои дале се што можеле за подобро утре за Македонија и за своите сонародници.

Затоа, на овој ден, им изразуваме почит и се поклонуваме пред нивните дела кои ја овозможија иднината која ние ја живееме, а за која тие сонуваа.

Почитувани пријатели,

Македонија е онолку силна колку што се силни нашите вредности!

Македонија е онолку силна колку што е исправна нашата колективна морална вертикала!

Мораме да продолжиме да ги поддржуваме македонските семејства.

Тие се основата на државата.

Залудна е секоја жрвта за слободата на Македонија доколку морално пропаѓаме!

Мораме да инвестираме и во развојот на нашите деца преку образованието низ кое тие треба да израснат во морални личности кои ќе продолжат после нас да ја градат и развиваат Македонија.

Денес ја градиме Македонија.

Утре ќе ја градат нашите деца.

Да им оставиме добри дела на генерациите што ќе дојдат по нас.

Да решиме што повеќе проблеми.

Македонија да биде уште постабилна,

Македонија да биде уште поразвиена.

Македонија да биде уште поединствена.

Тоа е заветот на партизаните.

Во оваа смисла, искрено заблагодарувајќи се за вашето присуство, сакам да укажам дека прославата на овој 11 Октомври е во еден сегмент различна во однос на минатите прослави.

Денес, надоврзувајќи се на денот кој ја симболизира слободата и демократијата, заеднички ќе ја прогласиме за завршена и една од најголемите градежни реконструкции и осовременувања на македонскиот законодавен дом.

Објектот во кој најсилно пулсира демократијата, денес го прогласуваме и за официјално завршен.

Ве поканувам, сите ние заедно да ги обиколиме новите и реконструираните простори на македонскиот парламент и формално да го прогласиме за отворен овој простор од кој со векови треба да пулсира демократијата и дијалогот.

На самиот крај, честитајќи ви го 11 Октомври, сосема искрено посакувам да биде вечен споменот на овој и на сите други важни историски настани од нашата историја.

Нека е вечна и вековита Македонија.

Нека нé благослови господ сите и нека ја благослови нашата Татковина.

Да живее Република Македонија!

Благодарам.

Click