Собраниско раководство

Сабота, 11 јуни 2016 година, Софија

Билатерални средби на претседателот Вељаноски за време на Третата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ

Во рамките на третата Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, претседателот на Собранието на Република Македонија оствари билатерални средби со претседателот на косовскиот парламент, г. Кадри Весели и со претседателот на Националното собрание на Словенија, г. Милан Брглеж.

На средбата со претседателот на Националното собрание на Словенија, претседателот Вељаноски го запозна својот колега со актуелнтата состојба во земјата и се заблагодари за поддршката што Словенија ја дава на Република Македонија во однос на евроатланската интеграција на земјата.  Од своја страна претседателот на Собранието на Словенија, го истакна успешното справување на Република Македонија со мигрантската криза и стопирање на мигрантскиот бран од македонска страна, што е од голема помош за Словенија.

На крајот на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски упати покана до претседателот Брглеж да ја посети Република Македонија.

На маргините на пленарната сесија, претседателот Вељаноски исто така оствари билатерална средба со г, Кадри Весели, претседател на Собранието на Република Косово. За време на средбата, соговорниците разменија мислења за актуелните случувања во двете земји како и за можностите за зајакнување на економската соработка, подобрување на патната инфраструктура што ги поврзува двете земји и развивање на добрососедските односи.

Претседателот Вељаноски истакна дека Собранието на Република Македонија стои на располагање во однос на споделување на искуствата во евроинтегративниот процес.

Click