Соопштенија

Петок, 11 март 2016 година

Пратеникот Јосифовски во Софија

Пратеникот Љубомир Јосифовски, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), ќе учествува на Седницата на Комисијата за економија, инфраструктура и енергија на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржи на 11 и 12 март 2016 година во Софија, Република Бугарија. 

На седницата, што се одржува во рамките на Бугарското парламентарно претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, се очекува учество на пратеници од 13 земји членки на ПС на ПСЈИЕ.

Членовите на комисијата ќе дискутираат по предлог извештајот и резолуцијата на тема: „Подобрување на инфраструктурата во Југоисточна Европа - забрзување на приоритетните проекти“.

Во дневниот ред на седницата се вклучени прашања во врска со работната програма на комисијата за периодот 2016-2017 година, како и подготовките за претстојната годишна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 9 до 11 јуни во Софија.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција.

Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. 

Click