Активности

Среда, 22 јануари 2014 година

Седумдесет и седма седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 77. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија (второ читање);
  2. Предлогот  на  законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (скратена постапка);
  3. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми (скратена постапка).

На седницата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа: г. Џелал Бајрами, заменик на министерот за транспорт и врски и г. Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација.

Претседателот на Комисијата, г. Реџаил Исмаили, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се поднесени вкупно 5 амандмани од овластените предлагачи, од кои два беа усвоени, а три неусвоени.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Емилијан Станковиќ, г. Благоја Стојановски, г. Јани Макрадули, г-ѓа Билјана Казанџиска, г-ѓа Ане Лашкоска и г-ца Марија Рашковска.

Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата по Предлог-законот поднесе еден амандман и со 6 гласа „за“ го усвои истиот.

Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми, беа поднесени вкупно 2 амандмани од овластени предлагачи и  истите не беа усвоени.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Емилијан Станковиќ, г-ѓа Билјана Казанџиска и г. Јани Макрадули.

На крајот од расправата, Комисијата Предлог-законите ги проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click