Активности

Среда, 15 јануари 2014 година

Деведесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Деведесет и првата седница, одржана на 9 јануари 2014 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки;
  2. Предлог на закон за изменување и  дополнување на Законот за експропријација;
  3. Предлог на закон за  изменување и дополнување на  Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост;
  4. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи;
  5. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри;
  6. Предлог на закон за дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Образложение на Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

- Заменик-министерот истакна дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки првенствено има две основни цели: да се допрецизираат и подобрат одредени одредби од постојното законско решение согласно со досегашните искуства од примена на законот и да се воведат нови мерки за зајакнување на контролата и за стеснување на просторот за субјективно делување на договорните органи.

Конкретно, се упатува на користењето на одредбите од Законот за облигационите односи при утврдување на одговорноста на проектантот и изведувачот за квалитетот на градежните работи.

Во насока на поголема контрола кај набавката на дополнителни работи во постапката со преговарање без објавување оглас, се предлага воведување нова согласност која ќе ја издава Советот за јавни набавки за примена на овој основ од постапката со преговарање.

Се предлагаат и одредби со кои се пропишува постапката на барање и издавање на оваа согласност, како и казнена одредба за договорните органи кои нема да ја почитуваат ваквата законска обврска.

Заради намалување на можностите за тенденциозно поништување на постапките во случаите на решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки со кои постапката се враќа на повторна евалуација, се воведува обврска за завршување на повторната евалуација од страна на Комисијата за јавна набавка во рок од пет работни дена. Со тоа се оневозможува тенденциозно одолговлекување на постапката со цел да истече периодот на важност на понудите што резултира со поништување на постапката.

Исто така, кај набавките на услуги за превоз на патници, се предлага нова мерка со која е предвидено понудувачот, доколку сака да користи подизведувачи, да мора да предложи подизведувачи кои и самите ќе ги исполнуваат условите за способност утврдени за понудувачот. Ова е особено релевантно кај набавката на услуги за превоз на ученици каде досегашното искуство покажа одредени проблеми што резултираа со превоз во несоодветни услови за цени кои се понеповолни од реалните на пазарот.

Во досегашното искуство од примена на Законот, се појави потреба од подетално уредување на можностите за поддршка на економските оператори од друг субјект, како на нивната економска и финансиска состојба, така и на техничката и професионалната способност. Меѓутоа, искуството покажува дека не е можно да бидат поддржани сите аспекти од критериумите за утврдување способност, особено оние аспекти кои не претставуваат ресурси по својата природа. Од тие причини, се предлага ограничување на можноста за поддршка од други субјекти на податоците кои се содржани во билансите на успех во делот на економската и финансиската состојба, како и на референтните листи и минатото искуство во делот на техничката и професионална способност. Тоа и досега било пракса која ја промовирало Бирото за јавни набавки, а сега тоа се уредува и со предложените одредби.

Во насока на натамошно прецизирање на условите за поништување на постапките, се предлага одвојување на основите за поништување на постапката во случај кога нема поднесено соодветни понуди, од основот за прифатливи понуди од причина што кај деливите постапки не е можно утврдување на соодветноста на понудата освен доколку проценетата вредност не се утврди на ниво на секој дел поединечно.

Се предлага усогласување на Законот за јавните набавки со Законот за трговските друштва во делот на употребата на официјалниот печат на економските оператори. Предложени се неколку казнени одредби за непочитување на обврските кои произлегуваат од овој закон.

Комисијата со седум гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, г. Џеладини истакна дека во Законот зa експропријација  се наметнала потреба од негово изменување и дополнување во насока на прецизирање на субјектот кој го поднесува Предлогот за востановување на службеност на земјиште заради реализација на јавен интерес утврден со закон.
Исто така дополнување на Законот за експропријација се предлага во насока на предвидување на одредби за забрана за отуѓување на недвижноста кој е предмет на експропијација и ништовност на договорите со кој се врши располагање со недвижност за која е покрената постапка за експропријација.

Имено, и покрај прибележување на предлогот за експропријација во Катастарот на недвижности согласно со членот28 став (1) алинеја 2, во досегашнoто спроведување  на законот, односно во текот на постапките за експропријација, се случува сопственикот на недвижноста кој е предмет на експропријација во текот на постапката за експропријација истата да ја оттуѓи на трети лица со што  реализацијата на јавниот интерес дополнително се одолговлекува.
 
Предлогот на закон предвидува рокови за донесување на решение за експропријација од страна на органот за експропријација, како и рокови за советите во Управниот суд и Вишиот управен суд за  постапување по  тужбите против решенијата за екпропријација и жалбите против пресудите на Управниот суд кои се однесуваат на експропријација, со цел постапките за експропријација да завршат во разумен рок и со тоа да се овозможи реализацијата на јавниот интерес.

Со овој Предлог на закон се допрецизираат и одредбите од постојниот закон кој се однесуваат на одземање на правото на користење на градежно земјиште во насока на прецизирање на субјектот кој го поднесува предлогот.

Исто така, се предвидуваат прекршочни одредби за одговорните лица и службените лица во органот за експропријација ако не постапат во роковите утврдени во законот како и одредба за органот кој врши надзор на постапката  утврдена во членот 32 став (2) од законот.

Основна цел на предложените дополнувања на законот е да се прецизира субјектот кој го поднесува Предлогот за востановување на службеност на земјиште предвидено за реализација на јавен интерес,  да се вградат одредби за забрана за располагање со недвижноста за која е покрената постапка за експропријација и да се утврдат рокови за постапување од страна на органите и судовите во постапките за експропријација. 

Комисијата со шест гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во образложението на Предлогот на закон за  изменување и дополнување на  Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост,  заменик-министерот Џеладини истакна дека согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост,  рокот за поднесување на барања за приватизација истекол на 31 декември 2012 годинa.

Со предложените измени и дополнувања  се предвидува дополнителен рок од девет месеци од  денот на влегувањето во сила на овој Закон, во кој ќе може да се поднесуваат барања за приватизација на градежното земјиште со што ќе се овозможи голем број на корисници на градежно земјиште кои од разни причини не го запазиле рокот за поднесување на барање, дополнително да го остварат ова право, односно да стекнат право на  сопственост на градежното земјиште. 

Според досегашното законско решение беше предвидено по истекот на рокот за поднесување на барања за приватизација на земјиштето на кое постои право на користење на физички лица и правни лица да се воспоставува долготраен и краткотраен закуп, а постапките да ги спроведува  Министерството за транспорт и врски.

Со измените и дополнувањата се предлага воспоставувањето на закуп на градежно земјиште во државна сопственост на кое постои право на користење,  да се спроведува пред органот на управата надлежен за имотно правните работи по службена должност или по барање на корисникот на градежното земјиште.

Со предложеното законско решение се допрецизира постапката за одземање  на правото на користење на градежно земјиште во насока на предвидување на жалба против решението за одземање на правото на користење на градежното земјиште.

Со Предлогот на законот се предвидуваат и посебни случаи на престанок на правото на користење и закуп на градежно земјиште кога се работи за  корисници-правни лица во стечај и престанок на правото на користење  на  градежно изградено земјиште на физички и правни лица кога во рамки на  дефинирана градежна парцела е изграден објект со правен основ.

Ова се предлага од причини што покренатите постапки за приватизација на градежното земјиште по барања на физички и правни лица сопственици на објекти или посебни  делови од објекти, во голем број случаи не можат да завршат со приватизација на земјиштето од причина што на земјиштето се запишани права на користење на трети лица кои воопшто не се сопственици на објектите, градежното земјиште фактички не го владеат и користат, а од друга страна објектите се изградени во рамки на дефинирана градежна парцела,  па во таков случај сопствениците на објектите или посебните делови од објекти правото на сопственост  на земјиштето не можат да го остварат ниту согласно одредбите од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, ниту пак согласно Законот за градежно земјиште.
Со Предлогот на законот се  предвидува и  можност  да се врши  приватизација на градежното земјиште под објект во услови кога не е донесен Детален урбанистички план. 

Комисијата за финансирање и буџет со  6 гласа „за“ заклучи дека Предлогот на закон за  изменување и дополнување на  Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи, г. Џеладини истакна дека основна цел на предложеното законско решение е да се продолжи рокот на важноста на веќе издадените привремени уверенија за сметководител и овластен сметководител од Министерството за финансии и тоа од 24 месеци на 48 месеци.

Исто така, се уредува дека Регистарот на сметководители, Регистарот на овластени сметководители, Регистарот на трговци поединци - сметководители, Регистарот на трговци поединци - овластени сметководители и Регистарот на друштва за вршење сметководствени работи, ќе се воспостават во рок од четири месеци од денот на избор на Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија. 

Истовремено, се дефинира почетокот на законскиот рок во кој постојните правни лица кои се регистрирани за вршење сметководствени работи се должни да се усогласат со одредбите од Законот и да поднесат барање за запишување во соодветниот регистар до Институтот.   

Институтот првиот испит за стекнување на уверение за сметководител, односно овластен сметководител, ќе треба да го спроведе во рок од девет месеци од изборот на Управниот одбор.

Со Предлогот на законот се дава можност барања за уверение да поднесат лицата кои ги исполниле условите за сметководител или за овластен сметководител до законски утврдениот рок, но навреме не доставиле барање до Министерството за финансии, лицата кои дополнително до денот на влегување во сила на предложените измени на Законот ги исполниле условите за добивање на уверение за сметководител или овластен сметководител и лицата кои веќе добиле привремено уверение за сметководител или овластен сметководител, а кои до денот на влегување во сила на предложените измени на Законот ги исполниле условите за добивање уверение за овластен сметководител или уверение со  трајна важност.

Важноста на уверенијата ќе биде 30 месеци од денот на нивното издавање, со исклучок на уверенијата со трајна важност кои ќе може да ги добијат лицата со над 25 години работно искуство во вршење на сметководствени работи.

Комисијата со  6 гласа „за“ и 1 „воздржан“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- За Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, заменикот на министерот за финансии истакна дека со него се уредува дел од уплатените средства за посебната давачка од игрите на среќа да се издвојуваат за поддршка и развој на туризмот во Република Македонија, односно да се уплатуваат на сметка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија.

Износот на средствата кои ќе се уплатуваат на сметка на Агенцијата се определува во висина од 7% од уплатените средства за посебната давачка од игрите на среќа, кои не можат да надминат повеќе од 45.000.000 денари во 2014 година,  50.000.000 денари во 2015 година, 55.000.000 денари во 2016 година, 60.000.000 во 2017 година  денари,  65.000.000 денари во 2018 година,  70.000.000  денари во 2019 година и 75.000.000 денари во 2020 година.

Новооснованите субјекти при поднесување на барање за издавање на лиценца за приредување на игри на среќа, како и при издавање на дозвола за приредување на наградни игри и забавни игри, не се во можност да обезбедат информација за економско-финансиската состојба. Новооснованите субјекти не доставуваат годишна сметка до Централниот Регистар на Република Македонија, врз основа на која се изготвува информација за економско-финансиската состојба на субјектите.

Од таа причина, се предлага обврската за доставување на информација за економско-финансиската состојба да не се однесува за субјектите кои немаат доставено годишна сметка до Централниот регистар.

Приредувачот на игрите на среќа во автомат клуб до моментот на поврзувањето со информацискиот систем на Управата за јавни приходи за секоја деловна просторија добива лиценца од Владата на Република Македонија. Притоа, приредувачот плаќа надоместок во износ од 78.750 евра и депонира депозит, односно обезбедува банкарска гаранција во износ од 10.000 евра. По поврзувањето со информацискиот систем на Управата за јавни приходи, приредувачот на игри на среќа во автомат клуб кој што има добиено лиценца за приредување на игри на среќа во автомат клуб нема обврска да добива лиценца за секоја деловна просторија, туку има право со една издадена лиценца да отвора неограничен број на деловни простории (автомат клубови) за кои решение издава министерот за финансии.

Од досегашната пракса се увиде дека една банкарска гаранција во износ од 10.000 евра не е доволна за обезбедување на сите обврски на приредувачот кон играчите и државата за сите деловни простории во кои се приредуваат игри на среќа во автомат клуб, поради што се предлага за секој автомат поставен во деловната просторија, приредувачот да достави доказ за депониран депозит или обезбедена банкарска гаранција во износ од 1.000 евра.

Комисијата со  5 гласа „за“ и 1 „воздржан“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, г. Џеладини истакна дека со Законот за  локална  самоуправа и со Законот за Градот Скопје не е доволно уредена постапката за продажба на стварите кои се во сопственост на единиците  на локалната самоуправа. 

Оттука се наметнала потребата со Законот за користење и располагање со стварите на државните органи да се уреди постапката за продажба на стварите во сопственост на едниците на локалната самоуправа по пат на електронско јавно наддавање.

Целта е да се овозможи изедначување на начинот на продажба на стварите во сопственост на единиците на локалната самоуправа со начинот на продажба на имотот во државна сопственост, односно стварите во сопственост на единиците на локалната самоуправа да се отуѓуваат во транспарентна постапка.

Истовремено, со дополнувањата се прецизира дека Владата на Република Македонија одлучува за давање на недвижни ствари во државна сопственост на државни органи, фондови, агенциии, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации.

Комисијата за финансирање и буџет со  5 гласа „за“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click