Активности

Вторник, 21 јануари 2014 година

Деведесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Деведесет и трета седница, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход;
  3. Предлогот на закон за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце - Блок станица 5“.

Образложение на Предлог-законите даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. 

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, г. Џеладини истакна дека со предложеното законско решение се дефинира дека за оданочиви расходи се сметаат ненаплатените побарувања кои произлегуваат од трансфери на парични средства кои по својата економска суштина се заеми и кои не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот и се овозможува износите на вратените заеми помеѓу субјектите да не се оданочат со данок на добивка, односно кога ќе се изврши враќање на заемот кој бил оданочен, даночниот обврзник да може да ја намали даночната основа за износот на вратениот заем.

Исто така, се предвидува оданочување на дивидендата која се исплатува на правните лица резиденти на Република Македонија во моментот на исплатата на истата и се пропишува одредба со која се овозможува приходите од дивиденди остварени со учество во капиталот на друг даночен обврзник да не се вклучуваат во даночната основа ако се оданочени кај даночниот обврзник кој врши исплата на дивиденди.

Комисијата водеше претрес по 3 амандмани поднесени од пратеникот Миле Андонов и 1 од пратеникот Самка Ибраимоски. Претставникот на Владата не се согласи со поднесените амандмани и Комисијата не ги усвои истите.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, заменик- министерот за финансии истакна дека со предложеното законско решение се врши  допрецизирање на даночната основа за пресметување на данокот кај игрите на среќа во обложувалница, така што се пропишува дека износот на поединечната исплата на добивката намален за износот на поединечната уплата врз основа на која е остварена добивката ќе претставува основа за пресметување на данокот на овој вид приход на физичките лица. 

Исто така, се предлага обврзниците на персоналниот данок на доход-физичките лица кои во текот на годината оствариле добивки од посебните игри на среќа (игри на среќа во обложувалница, казино и автомат клуб), да бидат ослободени од обврската да ги прикажат истите  во годишната даночна пријава.

Исплатувачите на добивки од посебните игри на среќа (обложувалница, казино и автомат клуб) кои се должни да го пресметаат и платат персоналниот данок на доход се изземаат од обврската  при секоја исплата на добивките на лицата да им издаваат примерок од пресметката за аконтацијата на данокот,  а по истекот на годината и збирен податок за вкупниот износ на преметан и платен данок на доход, освен ако тоа не го побара даночниот обврзник.

Се пропишува обврска овие исплатувачи да и доставуваат на Управата за јавни приходи, месечен извештај за исплатените приходи-добивки од игри на среќа и за пресметаниот и платен данок по одбивка, најдоцна до седми во тековниот за претходниот месец.

Комисијата водеше претрес по еден амандман поднесен од пратеникот Самка Ибраимоски. Претставникот на Владата не се согласи со поднесениот амандман и Комисијата не го усвои истиот.

- Во образложението на Предлогот на закон за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце - Блок станица 5“, г. Џеладини истакна дека предложеното законско решение е во функција на реализација на Проектот за изградба на магистралниот гасовод од Клечовце до Блок станица 5, која се наоѓа во непосредна близина на Штип.

Изградбата на нужната инфраструктура за пренос на природен гас на територијата на Република Македонија ќе придонесе природниот гас, како евтин и еколошки чист енергенс, да биде достапен до поширок круг на субјекти, како од стопанството и индустријата, така и од страна на домаќинствата од сите подрачја и региони во Република Македонија.

Со проширување на гасоводната инфраструктура, ќе се овозможи искористување на природниот гас како енергенс за производство на електрична енергија преку соодветно инвестирање во нови или адаптација на постојни енергетски капацитети во државата.

Со поголемото искористување на природниот гас, директно ќе се придонесе и кон намалување на цената на овој енергенс што го прави сам по себе многу значаен супститут за индустријата, стопанството и домаќинствата, споредено со други енергенси на енергетскиот пазар.

Предлогот на законот нема да предизвика фискални импликации врз Буџетот на државата, бидејќи Република Македонија ја ратификуваше Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврските на поранешниот СССР по пресметките сврзани со стоковната размена меѓу поранешниот СССР и поранешната СФРЈ .

Комисијата водеше претрес по 3 амандмани поднесени од пратеникот Јани Макрадули. Претставникот на Владата не се согласи со поднесените амандмани и Комисијата не ги усвои истите. Не се водеше претрес по еден амандман од причина што беше повлечен од предлагачот, пратеникот Јани Макрадули.

  • Комисијата за финансирање и буџет ги проследи сите три Предлог-закони на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click