Активности

Вторник, 28 јануари 2014 година

Деведесет и четвртата седница  на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на денешната Деведесет и четврта седница, како матично работно тело, во второ читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост;
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи; 
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри; 
  6. Предлогот на закон за дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

- Пo Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки беше поднесен и усвоен еден амандман. По Предлог-законот исполнети се условите за изготвување дополнет предлог на закон.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и  дополнување на Законот за експропријација и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри,  во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

- По Предлогот на закон за  изменување и дополнување на  Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Комисијата водеше претрес по пет амандмани, поднесени од пратениците: Марјанчо Николов, Миле Андонов, Стојко Пауновски, Ленче Николовска, Самка Ибраимоски и Панче Орцев.

Претставникот на Владата не се согласи со поднесените амандмани и Комисијата не ги усвои истите.

- Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи.

Пратеникот Самка Ибраимоски предложи Комисијата за финансирање и буџет да поднесе амандман на членот 3 со кој се менува членот 53 и тоа во ставот (1) да се намали утврдениот рок од четири месеци во кој ќе се воспостават регистарот на сметководители, регистарот на овластени сметководители, регистарот на трговци поединци - сметководители, регистарот на трговци поединци - овластени сметководители и регистарот на друштва за вршење сметководствени работи на рок од два месеци од основањето на Институтот, додека  во ставот (3) рокот од шест месеци за поднесување на барање за запишување во соодветниот регистар за постојните правни лица кои се регистрирани за вршење на сметководствени работи да се намали на четири месеци од денот на основање на Институтот.

Комисијата со 3 гласа „за“ и 7 „ против“ не го усвои овој предлог.

- Во врска со Предлогот на закон за дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во расправата учествуваа пратениците Самка Ибраимоски и Панче Орцев.

Пратеникот Самка Ибраимоски предложи Комисијата за финансирање и буџет да поднесе амандман на членот 2 во новиот член 93-а  со кој зборовите „на единиците на локална самоуправа и Градот Скопје", ќе се заменат  со зборовите „од страна  на единиците на локална самоуправа и Градот Скопје".

Исто така, пратеникот Ибраимоски предложи Комисијата за финансирање и буџет да поднесе амандман на членот 4 со кој ќе се одложи примената на одредбите кои се однесуваат на продажбата на недвижни ствари со електронско јавно наддавање на единиците на локална самоуправа и Градот Скопје од 1 јуни 2014 година на 1 јуни 2015 година.

Комисијата со по 3 гласа „за“ и 6 „против“ не ги усвои овие предлози.

  • Комисијата за финансирање и буџет ги проследи Предлог-законите на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click