Активности

Четврток, 6 февруари 2014 година

Деведесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 95. седница, одржана на 4 февруари, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност (по скратена постапка);
  • Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија (прва фаза).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. 

Тој истакна дека Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност од Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка ќе ѝ биде доделен на Република Македонија во износ од 36,4 милиони евра (еквивалент на 50 милиони УСД).

Со овој заем ќе се поддржат активности во четири клучни области и тоа:

  1. Развој на производство со висока додадена вредност;
  2. Олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор;
  3. Подобрување на ефикасноста на услугите на трговската логистика;
  4. Воспоставување флексибилност на пазарот на труд, развој на вештини и иновација.

Делегација на Република Македонија на 29 јануари 2014 година, водеше преговори со претставници на Светската банка во Канцеларијата на Светската Банка во Скопје, за склучување на Договор за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност.

Заемот ќе биде доделен на Република Македонија под следните услови: рок на отплата 18 години со вклучен грејс период од 5 години и каматна стапка шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон, како и подеднакви износи на отплата кои ќе се плаќаат двапати во годината, почнувајќи од 15 март 2019 година, заклучно со 15 септември 2031 година. Заемот ќе се отплаќа семестрално, секој 15 март и 15 септември во годината. Согласно прописите на Меѓународната банка за обнова и развој, Република Македонија како заемобарател има обврска да ѝ плати на Меѓународната банка за обнова и развој  еднократна провизија - трошок во износ од 0.25% од износот на заемот (Front-end-fee). Оваа провизија за Проектот изнесува 91.000 евра и ќе биде платена еднократно од средствата на заемот.

Проектот ќе биде усвоен од Бордот на банката на 13 март 2014 година. Датум на завршување на проектот е 30 октомври 2014 година.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Драган Цуклев и г. Панче Орцев.

Комисијата го проследи Предлогот на законот за задолжување на  Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност на натамошна постапка во Собранието.

Комисијата не даде забелешки на текстот на Статутарната одлука поради што едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да донесе одлука за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

Click