Активности

Сабота, 1 февруари 2014 година

Изјава на претседателот Вељаноски по повод распишувањето на избор за претседател на Република Македонија

Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете да Ве известам дека согласно уставната обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, денеска го потпишав Решението за распишување на избор за претседател на Република Македонија.

Уставната одредба предвидува дека изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи предвид дека на 20 април е големиот христијански празник - Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година.

Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, како и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.

Сакам да изразам задоволство од донесувањето на измените на Изборниот законик, истите усогласени и од власта и од опозицијата. Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам истите да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат.

Апелирам до сите учесници, најодговорно и најсовесно да се раководат исклучиво по уставните и законските одредби, и уште еднаш на најдостоинствен начин да покажеме дека наша заедничка примарна цел е просперитетот на нашата држава, Република Македонија.

Ви благодарам.
Click