Активности

Среда, 28 септември 2016 година

Продлабочување на заемната соработка во интерес на граѓаните на Македонија и Косово 

Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија оствари средба со Делегација на Комисијата за образование, наука, технологија, култура, млади и спорт на Собранието на Република Косово, со цел размена на искуства во областите за кои имаат надлежност двете комисии.

Претседателката на Комисијата, г-ѓа Олга Најденовска, посакувајќи им добредојде на гостите, ги запозна со членовите и заменик-членовите.

Комисијата од Косово во нејзината прва службена посета во Македонското собрание, беше предводена од нејзиниот претседател, г. Наит Хасани, кој искажа задоволство од приемот и можноста за дебатирање.

Стана збор за потпишаната Спогодба од минатата година помеѓу двете земји за нострификација на дипломите и нејзина имплематиција, како и отстранување на пречките при спроведување на истата. Во тој контекст, беше забележано да се инсистира на потпишување спогодби и во други области.

Беа разменети искуства во однос на основањето и функционирањето на државните и приватните универзитети, процесот на децентрализација на основните и средните училишта, размената на студенти и професорски кадар, вклученоста на етничките заедници во образованието, рамноправност на заедниците, почитување и унапредување на правата на малцинствата, образовни проекти и развојни планови, како и залагања во областа на спортот. 

Присутните беа едногласни дека ваквите средби се добредојдени затоа што претставуваат можност да се презентираат позитивните искуства, но и проблемите на кои се наидува, со заклучок дека е потребно продлабочување на соработката на сите полиња, заемна помош и градење релации во интерес на граѓаните на двете земји. 

Click