Активности

Понеделник, 27 јануари 2014 години, Стразбур

Собраниска делегација на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

На првиот ден на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која започна денеска, а ќе трае до 31 јануари 2014 година во Стразбур, се избираше претседател на Собранието, како и членови во работните тела на Собранието, односно комисиите.

За претседател по првиот круг на гласање беше избрана г-ѓа Ан Брасер од Луксембург како кандидат на Алијансата на либерали и демократи со 165 гласа наспроти нејзиниот противкандидат г. Роберт Валтер од Групата на европски демократски партии, кој освои 125 гласови.

На истата седница беа реконструирани комисиите, при што се избираа и претседатели, потпретседатели и членови.

Шефот на Македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Александар Николоски беше избран за потпретседател на Мониторинг комисијата, додека членот на Делегацијата, г. Игор Ивановски за член на истата Комисија.

Членовите на Мониторинг комисијата, за разлика од другите работни тела каде Делегацијата на Собранието на Република Македонија предлага свои членови, ги предлага Бирото на ПС на СЕ врз основа на кандидатурите предложени од политичките групи преку примената на Донтовиот принцип.

Оваа Комисија, која се смета за една од најважните комисии во Парламентарното собрание на Советот на Европа, е задолжена за верификување на исполнувањето на обврските кои земјите-членки ги преземаат при приемот во организацијата во однос на Статутот на организацијата, Европската конвенција за човекови права и другите Конвенции на Советот на Европа.

Мониторинг комисијата има обврска да го известува Парламентарното собрание на Советот на Европа еднаш годишно за состојбата со мониторинг постапката. Мониторинг комисијата по правило работи на затворени седници а работните материјали се третираат за доверливи до нивното усвојување кога и се објавуваат.

Добивањето на местото на потпретседател на оваа значајна Комисија се смета за своевиден успех на државата.

Click