Активности

Понеделник, 27 јануари 2014 година, Атина, Грција

Учество на Конференцијата на претседатели на Комисиите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ-КОСАК

Во рамките на Грчкото претседателство со Европската унија, претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, денеска учествува на Конференцијата на претседателите на Комисиите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ-КОСАК, што се одржува во Атина, Грција.

Конференцијата ја отвори претседателот на Грчкиот парламент, г. Вангелис Меимаракис, кој истакна дека ова претседателство се одржува во период кога економската и финансиската состојба во многу земји-членки на Унијата, како и домашните околности во Грција, се потешки и посложени, но дека Грција ќе се потруди да ги исполни своите приоритети и покрај фактот што во истиот период ќе се одржат и изборите за Европскиот парламент.

На Конференцијата, министерот за надворешни работи на  Република Грција, г. Евангелос Венизелос ги презентираше Програмата и приоритетите на грчкото претседателство со Унијата во следните шест месеци.

Тој, осврнувајќи се на проширувањето на Европската унија  со земјите од  Западен Балкан,  истакна дека  Грција отсекогаш се залагала и ја поддржувала идејата за  влез на овие земји во Унијата, почнувајќи уште од Самитот на Унијата во Солун 2003-та, кога беше донесена и познатата Солунска агенда, со која за прв пат му беше дадена европска перспектива на овој регион. 
Министерот Венизелос, исто така, се осврна и на Агендата 2014, посветена на проширувањето со земјите од Западен Балкан, која, исто така, беше нејзина иницијатива. Во тој контекст, како успех на грчкото претседателство, го посочи почетокот на преговорите на Србија со ЕУ на 21 јануари годинава.

Во дискусијата по презентацијата на г. Венизелос, имаше бројни прашања во врска со  грчките приоритети, а кои се однесуваа главно на закрепнувањето на европската економија, но и на прашањето зошто проширувањето не е во приоритетите на Грција.

Во врска со ова, покрај останатите дискутанти, и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Мисини, праша зошто Грција, како познат промотор на проширувањето, денес, во моменти кога претседава со Европската унија, за жал, го нема проширувањето како свој приоритет.

Господин Мисини се повика на петте позитивни препораки од страна на Европската комисија и Европскиот парламент за почеток на  преговорите за членство со Европската унија, како аргумент дека сме ги исполниле копенхашките критериуми. Притоа, побара Грција да биде наш гласен поддржувач, затоа што тоа ќе ја смени атмосферата во двете земји и ќе придонесе  за подобар имиџ на Грција во Република Македонија, но и во рамките на Европската унија, и секако дека ќе биде историски исчекор на Република Македонија. 

На дискусијата на г. Мисини,  министерот Венизелос одговори дека Македонија ќе ги почне преговорите тогаш кога ќе ги исполни темелните критериуми на Европската унија, како што се  владеењето на правото, слободата на медиумите, почитувањето на човековите права и слободи.

Притоа, истакна дека тоа што Унијата не ги почнува преговорите со Македонија, не е поврзано со нашето билатерално прашање, односно употребата на името Македонија, бидејќи тоа прашање треба да се реши во рамките на Обединетите нации и дека  Република Грција е конструктивна и прави напори да се изнајде име  со географска одредница со цел да се разграничи областа во Република Грција, којашто, исто така, се вика Македонија. 

Тој потсети дека на таа тема разговарал и со претседателот на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети, и дека Грција е  конструктивна за решавање на овој проблем.

Како позитивен момент во односите со Македонија, тој го посочи фактот дека меѓусебните економски односи се  добри ако се земе предвид дека Грција е најголемиот странски инвеститор во Македонија.  
 
На Конференцијата се расправаше и за улогата на европските институции во зајакнување на контактите со европските граѓани. 
Click