Собраниско раководство

Понеделник, 3 февруари 2020

Парламентарните лидери со предлог нови правила за Собранието за неговиот нов состав

Пратеничките партии постигнаа согласност за големо преуредување на Деловникот на Собранието. Тие се обврзаа да го поднесат текстот после изборите.

Третиот Жан Моне дијалог со Собранието се одржа во Скопје на 31 јануари и 1 февруари 2020 година. По дводневниот отворен и конструктивен дијалог, политичките групи и раководството на Собранието се договорија за измените кои ќе осигурат парламентот во својот нов состав да биде ефикасен, транспарентен и ефективен во реализирањето на аспирациите на граѓаните, вклучително и во унапредувањето на членството на земјата во ЕУ и интеграцијата во евроатланските институции.

Дијалогот беше копретседаван од нов тим на олеснувачи, г. Шидер и г-ѓа Валсман, кои се претседател и потпретседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, како и постојаниот известувач за Северна Македонија на Комитетот за надворешни работи, г. Кјучук. Во заедничко соопштение по настанот тие изјавија:

Политичкиот дијалог е суштината на современата парламентарна демократија и денешниот договор го сфаќаме како дел од поширокиот политички консензус за европската иднина на земјата, изразен од политичките лидери по разочарувачкиот октомвриски Европски совет. Среќни сме што вчерашниот консензус беше потврден од сите политички лидери. Политичките партии повторно ја покажаа својата решеност да осигурат Собранието да се истакне како регионален лидер во парламентарните реформи и прифаќањето на европската култура на градење на консензус преку дијалог и компромис.

Дијалогот Жан Моне обезбеди платформа што ги зближи политичките партии во време на предизвик на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Очекуваме изборите да бидат спроведени во согласност со највисоките национални и меѓународни стандарди. Успехот на Собранието во помагањето да се сочува клучниот консензус за реформите поврзани со ЕУ преку дијалог е непроценливо демократско достигнување. Сега сметаме на заложбата на политичките групи да го достават новиот Деловник по изборите. Реформираните правила ќе му овозможат на новиот состав на Собранието веднаш да се фокусира на својата клучна работа.

Претседателот Џафери, кој копретседаваше со Жан Моне дијалогот заедно со тројцата европратеници, изјави:

Жан Моне дијалогот го гледам како инвентивна алатка која доследно даваше резултати во текот на целиот мандат на актуелниот законодавен состав. Тој беше клучен во негувањето на консензусот околу новиот Етички кодекс, клучните амандмани на Деловникот и зајакнувањето на институционалната независност на Собранието, каде неодамна направивме важен исчекор со усвојувањето на амандманите на Законот за собрание. 

Процесот на Жан Моне дијалогот е доказ за практичната вредност на дијалогот и градењето на консензус при осврнувањето кон клучните национални приоритети. Сметам дека со нашиот договор, денес поставуваме еден непроценлив пример за соработка во пресрет на претстојните избори.

Гледано надвор од изборите, дијалогот Жан Моне има потенцијал да придонесе за други клучни теми, вклучувајќи ја и независноста на Собранието. Процесот на преговори за ЕУ, откако ќе започне, ќе донесе нови можности и предизвици, а Жан Моне дијалогот може да има клучна улога во зајакнувањето на Собранието да заземе водечка улога.

Исто така, среќен сум што се потпираме на една многу широка институционална поддршка од ЕП. Тројцата нови копретседавачи се претставници на трите главни политички семејства во Европскиот парламент – Европската народна партија (EPP), Социјалисти и демократи (S&D) и Обнова на Европа (Renew Europe). Тие исто така ја водат Северна Македонија во двете најголеми тела на ЕП за надворешна политика – Комитетот за надворешни работи и Делегацијата за земјата.

Click